„Нема да дозволам настап на несоодветен профил на уметници со тенденција да го вратиме сјајот на ‘Охридско лето’ како врвен сублимат на светската уметничка елита. ‘Охридско лето’ во својата архива содржи веќе енциклопедиски имиња и мојата тенденција ќе биде да продолжиме во таа насока“, вели за весникот ВЕЧЕР, новиот директор на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, кој по професија е оперски пејач. Според него, Охрид како религиозен центар на Македонија, во соработка со „Охридско лето“, треба да организира Велигденски концерт на духовна музика, со што официјално започнува и неговата работа како директор на институцијата. Цуцковски најави дека јубилејното 65. издание на Охридско лето ќе се слави со квалитетна програма и врвни уметници

 

Националната установа „Охридско лето“ од неодамна има нов директор. Тоа е Ѓорѓи Цуцковски, реномираниот македонски оперски пејач. Со него разговаравме за плановите и новитетите во работата на оваа најголема културна манифестација во државата. Инаку, Цуцковски беше и селектор на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ во 2018. Минатата година ја доби престижната награда „13 Ноември“ за афирмација на оперската уметност во државата и во странство.

Прво честитки за новата функција, директор на нашата најреномирана културна манифестација „Охридско лето“, иако ова не е и Ваша прва средба со оваа музичко-сценска традиција, бидејќи бевте ангажиран и како музички селектор во 2018. Какво е чувството за Вас да се добие шанса за еден ваков сериозен ангажман?

„Охридско лето“ е Национална установа надалеку позната по долгата традиција која ја негува класичната музика, пред сè. Иако започнат како музички фестивал, подоцна збогатен со драмска програма, фестивалот во својата ризница на уметници претставува престиж како во европски така и во светски рамки. Оттука да се има можноста да се води истиот претставува, пред сè, огромна чест но и одговорност. „Охридско лето“ за мене е симбол за трајните вредности, културата и богатото културно наследство на Македонија, воопшто.

Со оглед дека следната година нè очекува јубилејното 65. издание на „Охридско лето“, какви новини можеме да очекуваме во однос на програмата, но и самата организација на настанот?

„Охридско лето“ секоја година заслужува врвна програма и организација. Освен Свеченото отворање, фестивалот трае 40 дена и сметам дека на публиката треба да ѝ понудиме висококвалитетна  програма затоа што истата тоа го очекува и заслужува. Се надевам дека во временскиот рок ќе успее да се спроведе едно социолошко истражување за потребите на публиката со што во иднина ќе знаеме како да ја конципираме програмата, но без оглед на модерните текови, сепак сметам дека „Охридско лето“ е сериозен фестивал на кој настапуваат пред сè сериозни уметници. Оваа година планираме Меморандум за соработка со Националната галерија со што на посетителите на Охрид би им овозможиле да погледнат дел од македонското богато ликовно творештво. Исто така се надевам дека ќе успееме да реализираме и неколку проекции на филмови на прекрасниот простор Долни Сарај со што фестивалот ќе ја збогати својата понуда.

Иако до почетокот на манифестацијата има повеќе од половина година дали веќе почнавте со подготовките и преговори со уметниците? Имате ли согледувања во која насока треба да се движи годинешнава програма со цел подигање на нивото на фестивалот за уште едно скалило?

Со оглед на тоа дека сум скоро назначен директор сè уште е рано да се шпекулира околу имиња.  Сè што можам сега да кажам е дека нема да дозволам настап на несоодветен профил на уметници со тенденција да го вратиме сјајот на „Охридско лето“ како врвен сублимат на светската уметничка елита. „Охридско лето“ во својата архива содржи веќе енциклопедиски имиња и мојата тенденција ќе биде да продолжиме во таа насока.

За добра програма секако потребни се и соодветни средства. Во февруари веќе ќе се знае износот одобрен од Министерството за култура и туризам, но секогаш се добредојдени и спонзорства. Дали има интерес и во оваа насока со оглед дека се работи за врвна манифестација од меѓународен карактер?

Фестивалот е национален и без поддршката на Министерството за култура не би можел да се реализира. Донациите на спонзорите како и на дипломатскиот кор се секогаш добредојдени. По конципирање на програмата секако дека ќе ја презентираме на долгогодишните партнери на „Охридско лето“, но и на нови љубители на уметноста кои чувствуваат општествена одговорност да дадат мал, но значаен придонес во културата. „Охридско лето“ е сериозен фестивалски бренд, па така верувам дека ќе имаме успешна приказна од аспект на вашето прашање.

Што се планира во однос на подобрување на веќе постојните сцени, но и самата инфраструктура? Дали годинава публиката може да очекува некои новини и во оваа насока?

Според мене, сржта на фестивалот е катедралната црква ‘Св. Софија’, простор кој плени со својата убавина и акустика, простор во кој секој уметник се чувствува возвишено. Покрај монументалниот Антички театар, сцената на Долни Сарај како и Центарот за култура, можно е некој од настаните да се одржи и во останатите неадаптирани простори на градот, кои ги има во изобилие.

Бидејќи контактите со изведувачите се прават месеци однапред, дали веќе имате некаков фидбек од уметниците кои планирате да бидат дел од целиот настан?

Јас сум во постојан контакт со најреномираните светски агенции за уметници постојано, пред сè поради природата на мојата професија, како уметник кој настапувал речиси на сите светски континенти. Сепак музичкиот и драмскиот селектор имаат огромна одговорност при креирање на програмата, така заеднички како тим ќе ја презентираме истата и ќе зборуваме за тоа во догледно време.

Можете ли да ни откриете барем некој од гостите со кои преговарате, независно дали се работи за домашни или странски уметници?

Сметам дека првата прес-конференција, одржана заедно со селекторите, е моментот кога ќе се зборува за гостите на фестивалот.

Дали „Охридско лето“ ќе има и некои дополнителни настани, концерти кои ќе се одржуваат пред самиот фестивал?

Охридско лето освен што претставува национална установа истиот е нераскинлив дел од убавините на градот Охрид. Охрид како религиозен центар на Македонија во соработка со „Охридско лето“, според мене, треба да организира Велигденски концерт на духовна музика, со што официјално започнува мојата работа како директор на институцијата. За овој концерт програмата е веќе затворена и публиката ќе биде навремено известена. Возвишената атмосфера на ‘Св. Софија’ ќе биде вистинско доживување за сите верници од нашата држава како и дополнителна понуда во туристичка смисла, но и концерт наменет за сите љубители на сериозната музика со религиозна тематика. „Охридско лето“ во соработка со останатите национални установи треба да претставува и платформа за создавање на нова и млада публика, со изведба на детски балетски и оперски претстави како и мали концерти преку целата година, со што освен што ќе се збогати културниот живот на градот, ќе инвестираме во иднината на државата преку едуцирање, негување на трајните вредности, поттикнување за развој на нови уметници и уметнички обожаватели. (Д.Т.)