Со европско знаменце се предлага намалување на казните за злосторничко здружување

82

Во измените на Кривичниот закон кои со европско знаменце Владата денеска ги достави до Собранието, се брише ставот 5 од членот 353.

Во измените на Кривичниот закон кои со европско знаменце Владата денеска ги достави до Собранието, се брише ставот 5 од членот 353 кој предвидуваше затворска казна од најмалку 5 години затвор за злоупотреба на служебната положба и овластување при вршење на јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот…

Во измените на овој член новина има и со додавањето на став кој предвидува одземање на прибавената имотна корист.

Во членот 353-в, кој се однесува на делото „Несовесно работење во службата“, досега предвидениот минимум од 3 години затвор за службено или одговорно лице во јавно претпријатие или установа кое ќе прибави значителна имотна корист, со измените е намален на 6 месеци и се движи најмногу до пет години.

Најдрастични се намалувањата во членот 394 каде се поместени казните за „злосторничко здружување“. Наместо максималните десет години затвор кои досега беа предвидени за тој што ќе создаде група или бадна, со измените се предвидува максимална казна затвор до три години. Има намалување и за членовите на групата или бандата кои ќе извршат кривично дело, максималната казна затвор од 5 години се намалува на максимални 2 години. Токму со делото „злосторничко здружување“ беа опфатени и голем број на обвинетите во предметите на некогашното СЈО.

Во образложението, Владата вели дека измените на законот се носат по примерот на германското законодавство и ќе бидат решение со кое ќе се „бајпасираат“ актуелните состојби додека не се донесе нов КЗ.

-Злоупотребата на службената положба и овластување веќе подолго време како инкриминација е критикувана и го има епитетот на реликт од казненото законодавство во поранешна Југославија. Главната забелешка е дека се работи за апстрактна инкриминација чие битие е бланкетно и сето тоа придонесува кон различно толкување во нејзината примена.

Предложените решенија (намалувањето на предвидените казни) во член 353 како и бришењето на некои ставови се движат во насока да бидат на линија на новиот концепт во којшто се има направено стандардизација на критериумите за одмерување на казните. Во таа смисла се и корекциите на членот 353-в и 394 од КЗ,се вели во образложението.

Измените на Кривичниот законик иако се 17 точка најдоа на дневниот ред од денешната собраниска седница, но неизвесно е кога за нив ќе се дискутира.. Сепак, опозицијата веќе реагираше..

Согласно процедурите, со оглед дека е со европско знаменце, за законот ќе се дискутира 3 дена, без разлика колку амандмани ќе бидат поднесени..