Со европски пари фотоволтаични системи ќе се постават на три јавни објекти во Берово

73

Општина Берово е една од 36. општини каде што е предвидено инсталирање на фотоволтаични системи во неколку јавни објекти. Оваа активност ќе се реализира како дел од проектот “Штедиме енергија и ја чуваме животната средина# во рамки на програмата за поддршката од Европската Унија за развој на руралната инфраструктура.

Според градоначалникот на општината Звонко Пекевски, со набавката на фотоволтаични системи ќе се направат значајни заштеди на електрична енергија кај одбраните јавни објекти, со што директно ќе се намалат и трошоците на општината.

– Вкупно 36 општини во четири региони со најнизок БДП по глава на жител ќе бидат корисници на овие грант инвестиции, а меѓу нив е и општина Берово. Се работи за средства кои во висина 15,5 милиони евра државата ќе ги добие од Европската Унија за развој на руралната инфраструктура. Вкупниот износ на програмата, вклучувајќи го и кофинансирањето од страна на Владата изнесува 20,667 милиони евра – изјави Пекевски.

Програмата ја имплементира Министерството за финансии, а е администрирана од страна на Светска банка.

– Овие средства им се доделуваат на општините во форма на грантови и придонесуваат за подобруведање на инфраструктурата во руралните средини. Дел од средствата предвидени во програмата, согласно одобрувањето од донаторот и администраторот на грантот, Министерството за финансии ги намени за набавка и инсталација на фотоволтаични системи во јавни општински објекти – вели градоначалникот Пекевски.

Тој додаде дека фотоволтаични системи согласно планираното ќе бидат поставени во Пречистителната станица за отпадни води, во деветолетката “Дедо Иљо Малешевски” како и гимназијата “Ацо Русковски”.