Со европски пари, Македонија добива техничка експертиза за основање агенција за шуми

43

Со 1,26 милиони евра помош од ЕУ, земјава добива техничка експертиза за основање агенција за шуми и поддршка за трансформација на јавното претпријатие „Македонски шуми“ во ефикасен национален орган за шуми. Ќе се воспостават веб-алатки за спречување на нелегалната сеча, како и систем за сертификација на шумите на најмалку 100.000 хектари од шумите во нашата земја.

Ова е предвидено со проектот „Поддршка за реформите во шумарството во Северна Македонија“, кој почна да се имплементира од денеска, со поддршка на Европската Унија.

– Европската Унија ќе го поддржи одржливиот развој на секторот шумарство преку олеснето спроведување стратегии и политики. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе биде клучниот соговорник во претстојната двегодишна реформа за управување со шумите. Оваа реформа е блиску поврзана со основните начела од Зелениот план на ЕУ и од Зелената агенда за Западен Балкан и има цел да обезбеди подобра заштита на шумите и зачувување на шумскиот биодиверзитет. Подоброто економско, социјално и еколошко управување со шумите води кон подобар квалитет на живеењето, особено во руралните и во планинските региони – наведуваат од Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

Во 2020 година, ЕУ имаше проценети 160 милиони хектари шуми, што значи дека шумите покриваа 39 отсто од копнената површина на ЕУ. Најголемите шумски области во ЕУ беа во Шведска (28 милиони хектари), Финска (22 милиона хектари) и во Шпанија (19 милиони хектари).