Со “Господ постои, името и е Петрунија“ на Теона Митевска Македонија за првпат во главната конкуренција на Берлинале

38

“Со овој филм Македонија за првпат во историјата на македонската кинематографија ќе учествува во главната програма на фестивалот во Берлин. После повеќе од дваесет години, ова е прво учество на нашата земја во главна конкуренција на еден од трите најголеми фестивали во светот (Кан, Берлин, Венеција). Чекањето за влез на големите порти, по успехот на вонсерискиот “Пред дождот”(1994, Венеција) конечно е завршено“, истакнаа од Агенцијата за филм на РМ и продукцијата “Сестри и Брат Митевски“

Филмот “Господ постои, името и е Петрунија” во режија на Теона Стругар Митевска ќе се натпреварува во главната конкуренција на Берлинскиот филмски фестивал што годинава ќе се одржи од 7 до 17 февруари. Премиерата на филмот, пак, ќе биде на 10 февруари во Берлин.

“Македонија за првпат во историјата на македонската кинематографија ќе земе учество во главната програма на фестивалот во Берлин. После повеќе од дваесет години, ова е прво учество на нашата земја во главна конкуренција на еден од трите најголеми фестивали во светот (Кан, Берлин, Венеција). Чекањето за влез на големите порти, по успехот на вонсерискиот “Пред дождот” (1994) конечно е завршено“, истакнаа во соопштението Агенцијата за филм на РМ и продукцијата “Сестри и Брат Митевски“.

Филмот е копродукција на пет земји: Македонија, Франција, Белгија, Словенија и Хрватска, а бил поддржан и од Еуроимаж фондот. Неговиот буџет изнесува 1.4 милиони евра, а од македонската Агенција за филм добил 30 милиони денари.

Според продуцентката Лабина Митевска, со овој филм Македонија конечно е дел од официјална натпреварувачка програма на еден од трите најпрестижни светски фестивали. “Ова е добиено со многу труд и многу работа, голема посветеност и макотрпно градење на репутација на бескомпромисен, смел и особен уметнички израз и филмски јазик на Теона Стругар Митевска“, ќе истакне продуцентката која посочува и дека доаѓаме од регион чија кинематографија не наидува на особен меѓународен прием и дека учеството на филмови од овој регион во главна конкуренција на врвните фестивали е навистина ретко.

“За квалитетот на филмот кој ќе ја има својата светска премиера во Берлин сведочи и огромниот интерес кај најголемите агенти за продажба и имавме привилегија во преговорите да го избереме најсилниот во моментов “Пирамид” од Франција во кој навистина веруваме и очекуваме дека ќе донесе широка европска и светска дистрибуција“, додава таа.

За директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, пак, кога се следат цврстите и јасни мерила за поддршка на професионалните продуцентски куќи, што подразбираат издржани и креативни проекти што кореспондираат со универзалните теми, доволно храбри да бидат конкурентни со трендот и манирот на европската и светската кинематографија, успехот е евидентен. “Иако за проектот ‘Господ постои, името и е Петрунија’ постоеја и негативни мислења, сепак, Агенцијата го препозна квалитетот и во манир на права професионална институција ја помогна брзата и ефикасна реализација на проектот“, посочи тој.

Како што велат од продукцијата, филмот е се уште незавршен, а бил прикажан на комисијата во Берлин на 3 декември, за веќе на 11 декември да пристигне и официјалната покана од директорот на Берлинскиот фестивал Дитер Козлик.

Инаку, претседател на интернационалното жири на 69. Берлинале – 2019 ќе биде Жулиет Бинош. На чело со француската актерка и оскаровка, ова жири ќе одлучува за тоа кој ќе ја добие Златната и Сребрената мечка во 2019. Да потсетиме, во 2014 Бинош беше гостинка на 35. издание на ИФФК “Браќа Манаки“ во Битола каде ја доби и Специјалната “Златната камера 300“ за особен придонес во филмската уметност. Лабина Митевска беше директор на фестивалот од 2009 до 2014 година.

За филмот “Господ постои, името и е Петрунија”
Во Штип, мало гратче во Македонија, секој јануари локалниот свештеник фрла дрвен крст во реката, а стотици мажи со нуркање сакаат да дојдат први до него. Среќата и просперитетот се загарантирани на човекот кој ќе го фати прв. Петрунија неочекувано се фрла во водата од каприц и успева да го фати крстот пред другите. Нејзините конкуренти се бесни – како се осмелува жена да учествува во нивниот ритуал? Настанува општ хаос, но Петрунија опстојува на своето. Таа го освои својот крст и нема да се откаже.

Инаку, филмот се снимал шест недели во Штип во јануари и февруари 2018. Косценарист на Теона Стругар Митевска е Елма Татарагич, директор на фотографија е Белгијката Вирџинија Сент Мартин, а монтажерка е Мари Хелен Дозо. Главната улога ја игра Зорица Нушева, а во останатите настапуваат Симеон Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Џевдет Јашари, Виолета Шапковска, Андријана Колевска, Петар Мирчевски…