Советот на Град Скопје на вчерашната седница даде зелено светло конзорциумот составен од SCHOLZ AG, C.I.O.S. и „Сплендер Мак“ да биде приватен партнер, односно концесионер за вложување во јавното претпријатие за депонирање на комунален отпад „Дрисла“. Ова се случува откако градските власти цели шест години низ судските лавиринти се обидуваа да изнајдат решение за да се осовремени оваа депонија.

Советниците од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, во претходно отворената дискусија се изјаснија дека се против ваквата одлука, односно дека ниту една од фирмите не треба да ја добие концесијата и гласаа воздржано, а само еден глас имаше против.

Ирена Мишева, која во претходниот мандат беше претседател на Советот на Град Скопје, потенцираше дека еден проект кој требаше да биде поздравен е претворен во кошмар.

– Ќе се заглавуваме во судските лавиринти и ние повторно ќе бидеме губитници. Јас искрено се надевам и посакувам Град Скопје да најде решение по институционален пат за комплетно поништување на оваа постапка и отпочнување на нова за барање на сосема нов приватен партнер – изјави Мишева.

Михајло Маневски, исто така советник од ВМРО-ДПМНЕ смета дека е апсурдно да се одлучува за евалуација на кандидати со понуди кои се дадени уште во 2011 година, за кое време, според него, се измениле и самите односи во фирмите –кандидати.

– Сè друго би била катастрофална грешка освен да се поништат сите дејствија и да се почне одново. Треба да се избере концесионер кој ќе гарантира унапредување на „Дрисла“. На депонијата не е направено ништо што беше ветено.  Ниту има печка, ниту е вградено нешто. Нема соодветен однос кон работата. Треба да се преземат конкретни мерки. Сметам дека треба да се објави нов оглас за избор на концесионер во согласност со Стратегијата за управување со отпад на држава и Програмата за управување со отпад на Град Скопје, истакна Маневски.

За Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ ваквата одлука е многу неприродна. И таа повтори дека Градот треба да објави нов повик на кој, според неа, би се јавиле повеќе од три фирми-кандидати.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов  го обвини минатото раководство на Градот затоа што и покрај судски одлуки да се раскине договор со ФЦЛ „Амбиенте“ тие склучувале договор со нив.

– Ви благодарам на опозицијата што признавате дека сте ја утнале работата  поради неумешното и несовесно водење на оваа постапка и треба да им се извините на граѓаните иако гледам дека топката сакате да ја префрлите на сегашната гарнитура – изјави Шилегов.

Тој додаде дека лично неколкупати кажал оти треба да се покрене комплетно нова постапка.

– Затоа поднесовме и жалба на судската одлука да се склучи договорот со „Шолц“. Но, таа жалба ни беше одбиена и судот ни наложи да го повториме бодувањето. Доколку не се донесе денешната одлука Градот ќе добие тужба и од ФЦЛ „Амбиенте“ и од „Шолц“ за надомест на штета која би изнесувала по 80 милиони евра за секоја од нив. Сте требале на ова да мислите порано кога сте дозволиле фирмите да поминат во втората фаза, кога незаконски го продолжувавте рокот за доставување понуди за да може италијанската фирма да достави понуда –  дециден е Шилегов.

Градоначалникот Шилегов истакна дека ќе инсистира на построги услови во новиот договор со „Шолц“, заради променетите услови во овие шест години и најави дека најдоцна за еден месец тој ќе биде потпишан.

(А.П.)