Слобода или затвор за Груевски?

17

Груевски во текот на утрешниот ден би требало да се јави на издржување двегодишна затворска казна поради злоупотреба на службената положба. Неговите адвокати доставија жалба до Кривичниот совет откако претходно беше одбиена молбата со која бараа да се одложи издржувањето на казната затвор. Поранешниот премиер е осуден во случајот на СЈО, „Тенк“ за начинот на кој со буџетски средства е набавено луксузно возило

 

Собранието да му го одземе мандатот на пратеникот Никола Груевски, со образложение дека е недостоен да ја врши функцијата, препорача собраниската комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања. Со пет гласа ”за” одлуката беше донесена на седницата на комисијата и истата ќе биде пратена до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој според Деловникот треба да ја стави одлуката на наредната собраниската седница.

Долгогодишниот претседател на Собранието- актуелен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски рече дека ова е првпат во парламентарната историја да се одзема мандат врз основа на пресуда во која нема никаков доказ дека осудениот има земено пари или дека ја злоупотребил службената положба.
„Тоа е девастирање на судството. Тука треба да донесеме одлука со која се гази демократијата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат против одземањето на мандатот на Груевски“, рече Вељаноски.

По говорот на Вељаноски, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата на комисијата.
Александар Кирацовски од СДСМ ги демантираше наводите на Вељаноски за политички прогон и за притисоци врз судството.

„Сега дојде време да функционира законот во државата. Јас ќе гласам за одземање на мандатот на Груевски бидејќи е недостоен да ја врши функцијата и апелирам оваа одлука на комисијата да одѕвонува во ушите на сите функционери дека секој што ги прекршил законот ќе одговара кога тогаш“, рече Кирацовски.

За мандатот на Груевски, на ред е да се изјасни Собранието. Препораката за одземање на мандатот треба да ја поддржат две-третини од пратениците. Такво мнозинство, според изјаснувањето на пратениците од опозицијата, нема, со оглед на фактот дека
“против” одлуката за одземање на мандатот на Груевски се изјаснија и осумтемина пратеници кои беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ. Во име на нивната пратеничка група, пратеникот Сашо Василевски рече дека е против барањето кое се случува во период кога во Собранието започнува процес на помирување.

Груевски во текот на денов би требало да се јави на издржување двегодишна затворска казна поради злоупотреба на службената положба. Неговите адвокати доставија жалба до Кривичниот совет откако претходно беше одбиена молбата со која бараа да се одложи издржувањето на казната затвор. Со тоа тие го искористија законскиот рок од три дена што го имаа за да се жалат до Кривичниот совет.
Груевски е осуден во случајот на СЈО, „Тенк“ за начинот на кој со буџетски средства е набавено луксузно возило.

Како што објавија медиумите, Груевски одлагање бара на две места. Во Кривичниот суд и во Врховниот суд.
Врховниот суд не може да му ја одложи казната на Груевски, бидејќи предметот на Јанкулоска сѐ уште е во Кривичниот суд, а на Врховниот суд му треба комплетиран предметот на „Тенк“ со пресудите на Груевски, Јанкулоска и Ѓоко Попоски.

„Ако во меѓувреме Јанкулоска поднесе жалба до Апелациониот суд Скопје, ние како суд веднаш ќе направиме фотокопии од предметот за Врховниот суд за да може да постапува. Оригиналите остануваат во Апелација, бидејќи редовните правни лекови имаат предност пред вонредните“, изјави деновиве претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев на брифинг со новинарите.
Според она што се објаснува како правна процедура, Јанкулоска и да поднесе жалба во рокот, сепак Кривичниот суд, кој му ја изрече затворската казна на Груевски, ќе го претрка Врховниот суд со одлуката, но останува можноста во иднина, со вонреден правен лек, да го ослободи Груевски и среде извршување затворска казна.
За попладнево пред Кривичен суд е најавен мирен протест за поддршка на поранешниот премиер Никола Груевски.
„Цела Македонија е сведок на неправдата која се врши врз поранешниот премиер на Република Македонија Никола Груевски. Експресните постапки со скратени рокови имаат за цел единствено ставање во затвор на Никола Груевски. Кога неправдата е на сила, непокорот е единствениот пат до правдата!“, стои во повикот на иницијативата „Правда за Никола Груевски“.