„Тоа ќе биде еден новитет кој ќе може да се доживее во НУ Стоби. Изложбата е во соработка со единствениот наследник на скулптурите на Петар Хаџи Бошков, светски уметник кој има завршено во класата на Хенри Мур во Лондон“, вели за весникот „Вечер“ директорот на оваа националната установа Спасе Перовски
„НУ Стоби годинава ќе реализира Ретроспективна изложба на Петар Хаџи Бошков, за што од Министерството за култура имаме добиено 1 милион и 500 илијади денари. Изложбата е во соработка со единствениот наследник на скулптурите на Петар Хаџи Бошков, светски уметник кој има завршено во класата на Хенри Мур во Лондон. Заедно со неговиот син ќе ја реализираме оваа изложба, чиј куратор ќе биде Владимир Јанчевски. Тоа ќе биде еден новитет кој ќе може да се доживее во Стоби. Дел од скулптурите на Хаџи Бошков би биле изложени во внатрешен простор (во коридорот на театарот), дел во надворешен“, изјави за весникот „Вечер“ директорот на оваа националната установа Спасе Перовски. Изложбата на еден од најистакнатите македонски вајари се планира за септември, а откако од Министерството за култура ќе ги добијат решенијата за проектот, ќе биде одреден и точниот датум.
Оваа изложба е само еден од проектите од Програмата на Националната установа Стоби за 2021 година која опфаќа вкупно 17 проекти финансирани од Министерството за култура во вредност од над 10 милиони денари. Сите тие треба да бидат реализирани во рамките на Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за годинава. Дел од нив се: Археолошки доистражувања и конзервација на фрескоживописот и гробницата на јужниот брод на Епископската базилика, Заштитни истражувања во Теодосијанска палата – Просторија 2, со цел презентација на мозаикот од истата просторија (враќање на веќе конзервираниот мозаик на малтерна подлога), Изработка на Основен проект за конзервација, реставрација и презентација на античката синагога од Стоби, Доистражување и конзервација на римскиот мозаик од источната страна на внатрешниот бедем на Стоби, Конзервација и реставрација на сегмент од јужниот градски бедем и римската порта во Стоби. Средства се предвидени и за Археолошки истражувања на просторот предвиден за паркинг на посетителите на Стоби, како и за тековно одржување и партерно уредување на археолошкиот локалитет Стоби. На локалитетот годинава ќе се работи и на проект за доистражување и изработка на Основен проект за кoнзервација на објекти од резиденцијален и комерцијален кварт на рановизантиско Стоби, како и конзервација, реставрација и археолошки доистражувања на Градбата со арки во Стоби.
Директорот на НУ Стоби Перовски се надева дека оваа година ќе биде подобра од лани што се однесува до пандемијата, дека нема да има рестрикции и дека проектите ќе се реализираат без проблем. „Одличниот тим на НУ Стоби може да реализира неверојатни проекти и не само овие кои се финансирани од Министерството за култура, туку и други кои ги добива од странски грантови“, посочува Перовски.
Тој истакнува дека годинава НУ Стоби добил и грант од Европската унија за проект кој веќе започнал да се реализира во јануари. „Проектот е ‘Раскажување приказни’ (Storytelling) кој се реализира во партнерски однос со организации од уште неколку регионални држави, односно од градовите Софија, Белград, Загреб, Љубљана, Солун… Целта на проектот е овие седум партнерски организации секоја за себе да направиме приказна за самиот локалитет којшто го има на располагање. Треба да имаме неколку заеднички состаноци и да ја развиваме приказната, за на крајот да имаме конкретни резултати секој во својот дел. Подоцна, до крајот на годината, заеднички со партнерите да спроведеме и дел од тие создадени приказни“, додава Перовски.
Тој воедно потсети дека од минатата година, во локалитетот Стоби се нуди можност за виртуелно доживување или реконструкција на театарот во Стоби (преку VR технологија), а со невладината организација Блинк од Скопје годинава се во план да направат и апликација која преку мобилен телефон ќе им овозможи на посетителите реконструкција на објекти, во зависност од локацијата на која се наоѓаат во Стоби.
Запрашан за посетеноста на локалитетот, а во контекст на пандемијата, Перовски посочи дека, за жал, таа рапидно опаднала минатата година. „Благодарение на виртуелната реалност домашни гости го посетуваа локалитетот, но немаше многу посетители, бидејќи нема странски туристи по автопат. Затоа и ние работиме на тоа да ја подобриме посетеноста од страна на домашната публика“, истакна Перовски. Инаку, во 2019 година НУ Стоби го посетиле околу 22.000 туристи, од кои 70-80 отсто биле странци. (Н.И.Т.)