Секој слободен простор во Скопје станува маркичка за градење. Статистиката покажува дека иако на пазарот на недвижности има голем број непродадени станови, сепак, растат одобренијата за градба, а тоа значи нови станбени квадрати што почнале или допрва ќе се градат. А паралелно со градењето станови, расте и нивната цена, што е надвор од економското правило – цената да се одредува според понудата и побарувачката.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека од почетокот на годинава и заклучно со мај, службите во 17-те општини во Скопскиот Плански Регион издале вкупно 365 одобренија за градење, односно да се изградат нови 1.447 станови. Најмногу одобренија за градење се издадени во јануари (95) и во февруари (89), а тоа се месеци кога се прават подготовки за старт на градежната сезона, која почнува кон крајот на март или почеток на април и се смета дека зимата е замината и нема повеќе мразеви за работа на отворено. 

Општина Центар не е локалната самоуправа што издала најмногу одобренија за градење. Во првите пет месеци од годинава, на 28 инвеститори им се издадени градежни дозволи, а се однесуваат за изградба на 340 станови. Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, вели дека редовно се вршат инспекциски контроли со цел доколку е потребно, да се изведе брза реакција за нелегалните и небезбедни градежни активности на градилиштата.

– Уште во предизборниот период ветив засилени инспекциски контроли, од почетокот на изведување градежни активности до нивното завршување. Мојата цел е хуманото градење со почитување на законските прописи, вклучувајќи ја и безбедноста на граѓаните. Од ова ветување не отстапувам. Им порачувам на инвеститорите да градат според одобренијата, во спротивно ќе бидат санкционирани. Потенцирам дека ниту една отстапка од законските процедури нема да биде толерирана – истакна Герасимовски.

Инаку, Карпош од градските и Илинден од приградските општини стануваат елдорадо за градење. Во Карпош, на дури 86 локации се гради согласно со издадените одобренија, во Гази Баба (46), Бутел (28), Аеродром (15), Кисела Вода (9), Шуто Оризари (8) и во Сарај (7). Интересот за градење во Илинден, Петровец и во Чучер Сандево, како приградски општини, и натаму е голем. Во Илинден се издадени дури 55 одобренија за градење, Петровец (40), Чучер Сандево (24) и во Сопиште (6). Нема интерес за Зелениково, каде што во првите пет месеци биле издадени само две дозволи, како и во Студеничани, а намалено градење има и во Чаир со само три градежни дозволи.

Пописот што се спроведе во 2021 година покажа дека една третина од вкупно 839.174 станови се празни, односно населени се 63,4% или 531.987, додека останатите 36,6 отсто или 307.187 станови се ненаселени. Од скопските општини, најмногу празни станови има Центар – 10.865 или над 40 проценти од вкупниот број, а најмалку празни станови има Чаир – 22,5 проценти од вкупно 17.771 стан.

Дека е наголемо вратен интересот за градење покажуваат и податоците на Народна банка. По застојот поради пандемијата, значително пораснал бројот на издадени одобренија за градење, кој не само што се врати на нивото пред пандемијата туку и го надмина.

Ако се погледнат податоците на Народна банка, се забележува дека цените на становите растат уште во 2020 година,  а тоа продолжува и во текот на 2021 и во 2022, но и во текот на оваа година. Цените на становите во Скопје во првиот квартал годинава бележат раст од 18,8% на годишно ниво, а од 1,3% на квартално ниво.

Во првиот квартал лани, недвижностите поскапеа за 12,4% на годишно ниво, по што следуваше раст од 16,6% во вториот квартал, од 21,2% во третиот и од 20,6% во четвртиот квартал. Во агенциите за недвижности цените на становите се движат од 1.800, 2.000 до 2.200 евра за квадрат во центарот на Скопје и околу него. Како што се оди подалеку така и цените паѓаат и во општините подалеку од центарот е околу 1.100 евра за квадратен метар.

(С.Бл.)