Освен театарски спектакл на отворено, во саботата вечерта, на десетици локации низ градот се одржаа и настани во рамките на кои љубителите на културата можеа да уживаат во концерти, изложби, проекции, работилници и други културно-уметнички перформанси

Со атрактивен перформанс на француската театарска трупа „Кидам“, проследен со дефиле и со спектакл на отворено, насловен „Сонот на Ербер“, во саботата вечерта започна јубилејната 20. „Бела ноќ“. Настанот се одвиваше од Музејот на Град Скопје, преку улицата „Македонија“, Градскиот плоштад и Камени мост, па сè до паркот „Ибни Пајко“, каде што финишираше со 3Д- мапинг.

Гостувањето на трупата беше организирано од Францускиот институт во Скопје, по повод неговиот 50-годишен јубилеј, а во соработка со манифестацијата „Бела ноќ“.

Освен театарски спектакл на отворено, во саботата вечерта, на десетици локации низ градот се одржаа и настани во рамките на кои љубителите на културата можеа да уживаат во концерти, изложби, проекции, работилници и други културно-уметнички перформанси.

Музичкото училиште „Ентерпрајз“ одржа музички концерт, а поп-рок концерт организира и „Култи Ватор“.

Во МКЦ можеше да се проследи меѓународен фестивал на електронска музика, со настап на диџеј Томи Бојаџи (Македонија), диџеј Дее (Србија), диџеј Гери Кацерија (Албанија), како и на видеоартистот Петар Џон.

Културните институции и јадра – Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, Музејот на македонската борба, Културно-информативниот центар, НУ „Даут-пашин амам“, Музејот на современа уметност, Домот на културата „Кочо Рацин“, Македонскиот народен театар, Детскиот културен центар „Карпош“, Кинотеката на Македонија – со својата програма ја надополнија понудата.

Дел од понудата на годинашново издание на „Бела ноќ“ беа и активностите на ЕХО-фестивалот на планински филм, на Друштвото на ликовни уметници на Македонија – ДЛУМ, на „Лабораториум“ и кафулето „Излет“.