АД ЕСМ – Енергетика продолжува со снабдувањето со топлинска енергија на корисниците во Скопје и покрај официјалното завршување на грејната сезона (15 април).
– Согласно правилата за снабдување со топлинска енергија донесени од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), може да се врши снабдување и по 15 април, но не подоцна од 30 април, кога прогнозираната средна температурата е пониска од 12 степени според УХМР. ЕСМ – Енергетика, во текот на деновите од празникот, како и во останатите денови, ќе врши снабдување со топлинска енергија согласно со надворешните температури – информираат од компанијата.
Вообичаено, грејната сезона трае од 15 октомври во тековната календарска година до 15 април во наредната календарска година и таа може да почне порано или да биде продолжена во зависност од временските услови. Доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 Целзиусови степени според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи, грејната сезона може да биде продолжена, но најмногу до 30 април.
Количината на испорачаната топлинска енергија и времетраењето на испораката се одвиваат согласно со правилата за снабдување со топлинска енергија и мрежните правила за дистрибуција на топлинска енергија, донесени од РКЕ, која ја носи конечната одлука за почеток и за крај на грејната сезона.
(С.Бл.)