Скопје утрово осамна со магла измешана со отровните ПМ-честички што го рангираа македонскиот главен град на седмо место на неславната листа на IQAir на најзагадени градови во светот. Според последните податоци на IQAir, индексот на загадување изнесуваше 167, а како главен загадувач се наведени ПМ 2,5 честичките, чија концентрација изнесуваше 78,9 микрограми на кубен метар, додека ПМ 10 честичките беа со концентрација од 98,6 микограми на кубен метар. Концентрацијата на ПМ 2,5, во главниот град вчераутро изнесуваа 15,8 пати поголема од годишната вредност на упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација и изнесува 5 милиграми на кубен метар.
Од Балканските градови Скопје и Сараево многу често се на врвот на листата за најзагадени градови во светот.
Еко-активистите алармираат дека се потребни итни мерки, поради сериозните последици врз здравјето на луѓето од аерозагадувањето.
Министерот за животна средина, Изет Меџити, деновиве ја презентираше Програмата за почист воздух според која ќе се работи за постепено елиминирање на изворите на загадување до 2030 година. Тој истакна дека се идентификувани изворите и причините за сериозни проблеми со квалитетот на воздухот, иако тие може да варираат во и меѓу градовите.
– Во Програмата за почист воздух, како главни причинители на загадувањето на воздухот на територијата на државата се детектирани: согорувањето на цврсти горива, согорувањето на огревно дрво и друго во домашни ложишта, согорувањето цврсти горива во индустријата, согорувањето на потешки течни горива, сообраќај (дизел возила), согорување на мазут и екстра лесно гориво (во котли и печки) – истакна Меџити.
Анализите направени изминатиот период потврдуваат дека аерозагадувањето се должи и на отежнатата дисперзија, појавата на атмосферска инверзија во текот на зимските месеци; урбанистичките фактори, лановите и локациите на изградените објекти, при што некои големи емитери се сместени во урбаното јадро, како и урбанистичката поставеност на објектите која не овозможува лесно плакнење на воздухот и продор на ветер.
– Со оглед на тоа што најголемиот дел од домаќинствата во земјава сè уште користат дрво како примарен извор на греење, тоа предизвикува сериозни проблеми со квалитетот на воздухот во зимскиот период, особено во густо населените станбени места. Сообраќајот на патиштата е извор на загадување на воздухот во урбаните средини, додека производството на енергија и индустријата имаат локално влијание врз квалитетот на воздухот, особено во близина на индустриски инсталации кои немаат современи системи за намалување на емисиите – рече Меџити.
Нашата земја, додаде министерот Меџити, презема активности за подобрување на квалитетот на воздухот преку спроведување на краткорочни превентивни мерки кои веќе стапија на сила во оваа грејна сезона на национално ниво, како и од други надлежни институции, што покажува дека се трудиме целосно да одговараме на оваа обврска за подобрување на квалитетот на воздухот во нашата секојдневна работа.
Од Светска банка деновиве предупредија дека загадениот воздух во земјава годишно убива околу 2.800 жители. УНИЦЕФ, пак, неодамна објави документ, според кој 1 од 9 смртни случаи на новороденчиња се поврзани со загадениот воздух, што е 11,6 отсто од смртноста кај деца на возраст до една година.
(С.Бл.)