Скопската Зоолошка со најевтин билет во Европа!

347

В.Д. директорот на Зоолошката градина, Зоран Попов, вели дека за да можат да се обезбедат што подобри услови и за животните и за посетителите, центата на билетот треба да се зголеми, но во овој момент нема намера да поднесе нов предлог, бидејќи, како што нагласи, знае дека нема да помине кај сoветниците.

Жителите се поделени во однос на зголемувањето на цената на билетот. Додека едни сметаат дека таа е во ред со оглед на нашиот стандард, други го поддржуваат зголемувањето на цената и сметаат дека треба да биде најмалку 150 до 200 денари, а за странците 5 евра

Влезницата за ЗОО Скопје е само 80 денари и со тоа сме, можеби, зоолошка градина со најевтин билет за посета во Европа, вели в.д. директорот, Зоран Попов.

Тој вели дека за да можат да се обезбедат што подобри услови и за животните и за посетителите, цената на билетот треба да се зголеми, но во овој моментот нема намера да поднесе нов предлог, бидејќи, како што нагласи, знае дека нема да помине кај сoветниците.

– Цената на билетот во Зоолошката градина е премногу ниска, 80 денари. Додека во европските земји билетот чини 20 евра, кај нас тој е 1.30 евра. Есента имаше предлог до Советот на Град Скопје за зголемување на цената на билетот од 80 на 100 денари, меѓутоа советниците го не го прифатија тоа. И сега да поднесеме предлог, тој нема да биде прифатен од советниците – дециден е Попов.

Жителите на Скопје се поделени во мислењата дали треба да се зголеми цената на билетот за во Зоолошката градина. Дел од скопјани сметаат дека цената е во ред, бидејќи е согласно со нашиот стандард и дека доколку би се зголемила, родителите, како и бабите и дедовците не би можеле да си дозволат да ги однесат децата во Зоолошката градина. Други, пак, се за билетот да се зголеми за најмалку 150 до 200 денари, додека за странци 5 евра.

Директорот потенцира дека, сепак, работат со натчовечки напори и со помош на субвенциите од Град Скопје, како што вели, „испливуваат“ на позитивна нула.

– Сепак, и покрај сè, нашите животни се хранат според европските стандарди и листи за исхрана – наведе Попов.

Воедно, тој најави дека во моментов работат на влез на Зоолошката градина во Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми  (ЕАЗА).

– За таа цел, треба да исполниме повеќе од 100 точки. Само со влез на Зоолошката градина во ЕАЗА, ќе имаме полесен пристап до повеќе животни, но и до европските финансиски фондови. Така, состојбата ќе биде подобра – нагласи Попов.

Тој најави дека веќе имаат ментор од Холандија со кого се работи на тоа, иако поголем број точки за влез во ЕАЗА, како што истакна, веќе имаат исполнето.

Попов додаде дека Скопје ЗОО е дом на многу загрозени видови животни.

– Имаме два слона спасени од циркус, кои се вистинска реткост бидејќи Дуња е индиски слон, Даела африкански, а, сепак, живеат заедно. Познати сме и по тоа што имаме голема група лемури, кои се еден од најзагрозените видови во светот, а нивниот број во родниот Мадагаскар секојдневно се намалува. Со размножувањето на овие животни, помагаме во опстојувањето на видот. Тука се и белите лавови, во природата се останати околу 13 единки и тие живеат само во Јужна Африка. Хамболдт пингвините чии живеалишта се во Перу, Аргентина и во Чиле, веќе се загрозени, а ние годинава имаме дури четири бебиња – информираше тој.

Воедно, додаде дека ЗОО Скопје е позната и по својата континуирана хуманост кон сите на кои им е потребна, поради што неодамна се добитници на Оскарот на хуманоста, кој им го додели Црвениот крст на Македонија.

(А.П.)