Скандалот со погрешно залепените декларации продолжува:Епидемијата на морбили може да го одложи стартот на второто полугодие

86

Епидемијата на морбили може да го одложи стартот на второто полугодие, бидејќи расте бројот на дечињата кои се заразени од мали сипаници, но и бројот на хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести. Според Арбер Адеми, министер за образование и наука, будно се следи ситуацијата со епидемијата за што постојано се во координација со министерствата за здравство и за труд и социјална политика. Адеми смета дека пресудно за одложување на стартот на второто полугодие од учебната 2018/2019 година, што треба да почне на 21 јануари, ќе биде состојбата на терен која секој ден е различна.

– Во целосна координација сме и со министерот за здравство и со министерката за труд и социјална политика, под чија надлежност е предучилишното образование, и сериозно ја следиме ситуацијата. Според тоа што ќе го имаме на терен, ќе преземеме мерки во пресрет на второто полугодие. Ќе биде преземено тоа што е неопходно од наша страна како надлежна институција, изјави министерот Адеми и дополни дека во координација со двете министерства се бара законско решение со кое ќе се поттикнат сите родители да ги вакцинираат децата затоа што основното образование е задолжително.

-Треба да водиме грижа и за следење на воспитно-образовниот процес во основно и за вакцинацијата на нашите деца. И во постојниот Закон за основно образование е предвидено дека при упис на децата во основно, нивните родителите треба да докажат дека биле вакцинирани, рече Адеми.

Скандалот со погрешните декларации ги вознемири родителите кои треба да ги вакцинираат децата и оние што деновиве се имунизирани. Од министерството за здравство велат дека инспекторите на терен утврдиле 635 кутии на кои биле залепени погрешни декларации, со важност до октомври 2018 година. Кутии со погрешни декларации имало во повеќе здравствени пунктови во земјава, меѓу кои и оние во Крушево, Струга, Велес, Демир Хисар, Крива Паланка, Вевчани, Охрид и Скопје.
Но според здравствените власти вакцините во овие кутии се со исправен рок на траење, при што за три недели се вакцинирани над 1.600 дечиња со МРП.
Досега се заболени 23 лица од мали сипаници, при што најмладиот пациент е бебе од 8 месеци, а најстариот има 43 години од Скопје и е мајка на едно од заболените деца. Најмногу заболени има во населбата Аеродром – Ново Лисиче, вкупно 11 деца.

Белгиската фармацевтска компанија ГлаксоСмитКлајн (ГСК), која ја произведува МРП вакцината што се користи во Македонија за МИА вели дека од нивна страна се е регуларно и дека се води истрага околу инцидентот во Македонија.

Портпаролката на ГСК, Елизабет Вандам, во писмен одговор во Брисел порача дека фирмата била информирана за проблемот околу етикетите и амбалажата во Македонија и дека моментално води истрага за случајот, јави дописничката на МИА во Брисел.

-Нашите вакцини ‘приорикс’ се испратени до дистрибутер во Македонија, Македонија лек. Можеме да потврдиме дека сите вакцини ‘приорикс’ се испратени директно од местото на производство во Вавре, Белгија и дека овие вакцини ги почитуваат стриктните правила и нормите на квалитет на Европската Унија, стои во дописот.

ГСК води истрага за ситуацијата и “тесно соработува“ со локалните власти во Македонија како и со дистрибутерот јави МИА од Брисел.

 Вакцина против грип примиле 19.942 лица

Од почетокот на вакцинацијата против сезонски грип на 5 ноември 2018 година, до првата недела од јануари, вакцинирани се 19.942 лица со бесплатни вакцини против сезонски грип, односно 71,2 отсто од вкупниот број на набавени вакцини. Според податоците на центрите за јавно здравје вакцинирани се и 19.322 лица кои што сами си ја платиле вакцината.

Најголем број од вакцинираните, како што се посочува, се на возраст над 65 години – 10.955 лица или 56,7 отсто, на возраст од 30-64 години – 7.366 лица или 38,1 отсто, додека на возраст од пет до 29 години се 196 или еден отсто. Вакцинирани се четири деца на возраст под пет години. Од категоријата на здравствени работници, вакцинирани се 801 лица или 4,1 отсто. Нема вакцинирани бремени жени. Од вкупниот број вакцинирани, 14.089 лица или 72,9 отсто се со историја на хронично заболување.

Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 1.414. а текот на изминатата недела (од 31 декември до 6 јануари) во Република Македонија се регистрирани 196 заболени од грип, што е намалување за три отсто, споредено со неделата пред неа, кога беа регистрирани 202 случаја, стои во извештајот.

(В.Ма.)