Сирењето, кашкавалот, медот… сè уште се продаваат на црно

И покрај тоа што со неодамна донесените правилници за продажба од куќен праг на производите од растително и животинско потекло се олабавија условите за регистрирање на земјоделските производители, сепак бројките сè уште се многу мали. Досега се регистрирани само 46 мали семејни винарници, а кај производителите од другите гранки интересот е многу помал. Целта на овие правилници, како што велат од Министерството за земјоделство, е сите земјоделски производители да се стават во системот и да се намали неформалната трговија во земјоделството

123

Слаб е интересот кај земјоделците да се регистрираат, да основаат фирма и да ги сертифицираат своите производи. И покрај тоа што со неодамна донесените правилници за продажба од „куќен праг“ на производите од растително и животинско потекло се олабавија условите за регистрирање на земјоделските производители, сепак бројките сè уште се многу мали. Досега се регистрирани само 46 мали семејни винарници, а кај производителите од другите гранки интересот е многу помал. Целта на овие правилници, како што велат од Министерството за земјоделство, е сите земјоделски производители да се стават во системот и да се намали неформалната трговија во земјоделството. Од друга страна, пак, на земјоделските производители им се дава можност да користат разни стимулативни мерки од државата, а истовремено на потрошувачите им се гарантира квалитет на производите.

-Правилниците наметнуваат само основни, елементарни критериуми, најмногу во однос на хигиената, кои мора да се исполнат. Сите земјоделци кои се занимаваат со продажба на домашни производи имаат можност да се регистрираат во Агенцијата за храна и ветеринарство. Земјоделците треба да исполнат минимум здравствено-хигиенски услови кои се неопходни за производство на сирење, кашкавал, мед, ајвар…, вели за ВЕЧЕР заменик-министерот за земјоделство, Трајан Димковски.

Досега се регистрирани 46 мали семејни винарници кои веќе продаваат вино, додека кај земјоделските производители од животинско потекло има послаб интерес бидејќи имаат пазар за своите производи.

-Овие земјоделски производители имаат постојани потрошувачи што им ги купуваат производите од дома, млеко, урда, сирење, кашкавал, мед… и мал број од нив се регистрираат во АХВ. И последните 250 грантови, односно 40 милиони денари кои се дадоа на жени-земјоделки претежно беа наменети за производство на ајвари, пинџури, слатка, џемови… Но и за користење на овие грантови производителите исто така треба да бидат регистрирани во институциите и да исполнуваат соодветни здравствено хигиенски услови, вели Димковски.

Од АХВ информираат дека досега во Регистарот на објекти и оператори со храна за примарно производство и преработка на примарни производи од неживотинско потекло, евидентирани се 35 примарни производители. Најголемиот дел се во општина Неготино и Кавадарци – производство на вино, за преработка на органско овошје и производство на оцет и за сушење на овошје.

-Во Регистарот на објекти и оператори со храна за примарно производство и преработка на примарни производи од животинско потекло евидентирани се 349 примарни производители. Во овој регистар евидентирани се и преработувачи на млеко од сопствено одгледувалиште – сирење од овци и кози 4 производители, за производство на консумни јајца и јајца од препелица 5 производители како и за собирање и обработка на отстрелан крупен дивеч, месо од дивеч еден производител и примарно производство на консумна риба 8 производители, информираат од АХВ за ВЕЧЕР.

И од Сојузот на стопански комори со години наназад бараат од институциите проактивно вклучување со конкретни мерки за справување со неформалната економија. Оваа потреба е особено нагласена во услови на криза, бидејќи процентот на неформалната  економија кај нас е исклучително висок и изнесува околу 40 отсто. Прибирањето на овие средства ќе даде значаен инпут во државниот буџет.

-Сите субјекти кои извршуваат некаква деловна активности треба да се дел од системот со кој се регулирани правата и обврските бидејќи само така ќе има фер услови за компетитивност, што е особено важно за раст и развој во услови на пазарна економија, изјавија од ССК.

(А.С.)