СИМОНА СТАНКОВСКА – ПОЗИРА И СПЕЦИЈАЛНО ЗА “ВЕЧЕР” ПРОГНОЗИРА: Навивам за Франција и Бразил, но не би се обложила на нив!

38

Симона Станковска важи за една од најубавите манекенки на домашен терен. Потврда за тоа се многубројните титули и признанија кои ги има добиено надвор од нашите граници, а последна во низата е онаа која ја освои во Истанбул на “Miss Global Eurasia Stars”  каде во конкуренција со 25 мисици таа беше избрана за најубава! Освен со манекенство, атрактивната скопјанка се занимава и со водителство, беше дел од неколку телевизиски проекти, а нејзиниот лик се појавува и во голем број на музички видеа. Освен со сексапил и убавина, зрачи и со позитивна енергија, а насмевката дефинитивно е нејзино најмоќно оружје. Непосредна, комуникативна, скромна и пред се професионална. Спортот е нејзина голема пасија и страст, има тренирано гимнастика и пливање, во моментов рекреативно се занимава со ММА, а исто така е и голем фан на фудбалот, па деновиве на големо се подготвува за претстојното Светско првенство кое денес стартува во Русија. Специјално за “ВЕЧЕР# пред чиј фотообјектив и позираше, шармантаната Симона која инаку е дел од модното студио “Црнокрак# ни откри дека навива за репрезентациите на Бразил и Франција и типува дека токму овие два тима ќе ги одмерат силите во големото финале кое е закажано за 15 јули.

Стартуваше Светското првенство во фудбал во Русија, како една од ретките убавици која следи спорт, дали имате свој фаворит и за кој национален тим навивате?

Симона: Возбудата е присутна, мислам дека не само јас, туку сите обожаватели на фудбалот со нетрпение го чекаат стартот на светското првенство во Русија. Инаку мои фаворити се Бразил и Франција, тие два национални тимови според мене ги имаат сите квалитети и сигурна сум дека еден од нив ќе стигне до финале. Но, на ваквите спортски настани се се случува, така што останува да видиме.

Дали имате омилен фудбалер и зошто, причина за тоа е неговиот надворешен изглед или неговите квалитети на зелениот терен?

Симона: Можеби не игра во претходните два тима што ги напоменав, но според мене најдобар поединец во овој спорт е Лионел Меси. Неговите квалитети на теренот се добро познати, важи за вонсериски фудбалер и според многумина е најдобриот досега што се појавил. Втората причина е неговата скромност, посветеноста кон семејството и никогаш не бил поврзуван со скандали.

Според некое непишано правило, манекенките најчесто одат во комбинација со спортистите. Теоретски гледано, кога би имале можност да бидете во врска со некое истакнато фудбалско име, кој би бил тој играч?

Симона: Дефинитивно Дејвид Бекам! Но од моментално актуелните во фудбалот, за момче би го одбрала Марко Асенсио. Младо, талентирано и симпатично момче.

Во повеќе наврати досега имате потенцирано дека го сакате спортот, дали можеби професионално се имате занимавано со нешто или чисто рекреативно го практикувате?

Симона: Некогаш да, додека сега рекреативно спортувам и тоа е единственото нешто кое ме опушта и ме прави да се чувствувам слободно и убаво. Мојот прв спорт беше гимнастика, а после долги години тренирање продолжив и професионално да се занимавам со тоа, нешто подоцна продолжив со балет. Додека моментално посетувам фитнес теретани, пилатес, ММА и пливање.

Обложувањето е “модерна болест”, а истата најмногу доаѓа до израз кога има некој глобален спортски настан. На кои две репрезентации би типувале дека ќе играат во финале и на колку пари би се обложиле за нив?

Симона: Пак ќе ги споменам Бразил или Франција, тие се моите фаворити за ова првенство и на нив типувам за игра во финалето, но во однос на обложувањето, не би се обложила. Без разлика на тоа дали сте навивач или играч, спортот треба да биде забава, уживање и место каде можеш да ја исфрлиш сета негативна енергија, а не пари.

Фото: Н.Батев

Локација: Стадион на Агенција за млади и спорт, Ново Лисиче

Новинари: (Ј.А), (К.Т)