Имаме прелиберално законодавство во делот на организирањето на невладини организации или здруженија на граѓани, призна премиерот Димитар Ковачевски, но Обвинителството ќе постапува ако нема реакција по барањата на Комисијата за заштита од дискриминација. Ова значи дека бугарското здружение “Ванчо Михајлов” од Битола ќе мора во рок од 45 дена да ги отстрани сите спорни елементи во името, статутот и програмата кои предизвикуваат вознемирување. Во спротивно, како што истакна Ковачевски, институциите се должни да реагираат. Се очекува утре или во текот на неделава пратениците од власта да ги поддржат измените на Законот кои ги поднесе ВМРО ДПМНЕ во Собранието.
Премиерот го повика и Министерството за правда да ги следи насоките од Комисијата за заштита од дикриминација, односно во зададениот рок да изврши надзор на постоечкиот Закон за здруженија.
-Роковите се пропишани согласно со закон, точно се знае кои институции што треба да направат. Доколку не го напрват, постојат институции кои се задолжени да го следат непостапувањето…”
Државата доцни со законската регулатива која ќе спречи отворање на клубови со контроверзни имиња, бидејќи по најавата за трет клуб „Цар Фердинанд“ во Богданци, сега се најавува и четврти бугарски клуб со седиште во Ресен. Владата нема време да го чека новиот Закон за здруженија и затоа, како што повика вчера премиерот Ковачевски, најверојатно во понеделник пратениците од власта ќе ги поддржат измените на Законот кои ги поднесе ВМРО ДПМНЕ во Собранието. Измените кои би биле изгласани ќе бидат содржани и во новиот Закон за здруженија, кој треба да биде доставен до крајот на овој месец.
Премиерот Ковачевски вчера му предложил на Министеството за правда новото законско решение да го содржи германскиот пример, бидејќи како што рече, Македонија моментално има прелиберално законодавство во делот на формирање на невладини организации или здруженија на граѓани.
– Јас им сугерирав да го земат германското законодавство како основа при формулирањето, но исто така веќе има и предлог за промени во Законот којшто е поднесен од група пратеници. Ги поттикнувам пратениците од СДСМ да учествуваат во расправата на Комисијата, исто така, таму да присуствува и Министесртвото за правда, но да биде повикани и претставниците на Еврејската заедница во државата со цел да дојдеме, нормално претставници и на Европската делегација бидејќи го усогласуваме нашето законодавство со ЕУ во секој поглед и да се дојде до решение кое што ќе оневозможи да се формираат организации коишто ќе ги нарушуваат чувствата на нашите граѓани и истовремено ќе ги нарушуваат односите со соседни држави, изјави Ковачевски.
Премиерот истакна дека пропишани се согласно Закон и роковите и се знае точно се знае кои институции што треба да направатр во тие рокови.
– Тоа што треба да го направи Министерството за правда, рокот којшто е пропишан треба да го направи, тоа што треба да го направи здружението или која била организација или компанија во државата доколку има прекршено некој закон треба да го направи во определениот рок, а доколку некој нешто не направи тогаш во државата постојат институции коишто се задолжени за да го следат и да го санкционираат непостапувањето и непримената на закони на територијата на нашата држава. Владата не може да биде, ниту обвинителство, ниту судство. За тоа постојат институции, рече Ковачевски.
Претходно, ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог за измени на Законот за здруженија и фондации. Со оваа иницијатива се бараат измени на неколку членови од постоечкиот закон. Како назив на организација да не може да се користи име на личност која во минатото била поврзана со ширење или поддршка, поттикнување и одобрување на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх, стои во предлог измената на членот 8. За употреба на име на историска личност согласност да дава Министерот за правда, откако ќе добие позитивно мислење од Комисијата за историски личности која би броела пет членови. А здруженијата и фондациите откако ќе стапат на сила измените, во рок од три месеци ќе мораат да го усогласат своето име во спротивност ќе се донесе одлука да се избришат од Регистарот. ВМРО ДПМНЕ го достави законот до Собранието и предлага да се донесе во скратена постапка, а партискиот лидер Христијан Мицкоски апелираше да се поддржат измените за како што вели, да се стави крај на провокациите.
(И.С.)