Се претставуваат како волонтери од хуманитарната организација „Свети Спас“ и собираат пари од граѓаните

291

Хуманитарната организација „Свети Спас“ реагира дека повторно се појавиле измамници што се претставуваат како волонтери од оваа организација и собираат пари.

– Овој пат, вакви случаи се забележани во Маџари и во Охрид. Претпоставуваме дека се работи за организирана група, затоа што се случува вакво нешто во исто време, на повеќе локации – објаснува отец Оливер Петровски од хуманитарната организација „Свети Спас“.

Од оваа хуманитарна организација предупредуваат, доколку ви дојде некој таков дома, во кафулињата, во рестораните или на улица, веднаш да го пријавите во полиција бидејќи се работи за измамник.

– Нашите волонтери стојат само на пунктовите пред маркетите, кои јавно ги објавуваме – соопштија од хуманитарната организација.

Оттаму додаваат дека поседуваат снимка од еден од измамниците и дека случајот е пријавен во МВР во неделата вечерта.

– Ова се случува по шести или седми пат. Постојано мораме да објаснуваме и да се оградуваме дека ние немаме врска со тоа. Се надеваме дека МВР ќе ги открие – нагласува отец Оливер.

Тој додава дека му ги знаат името и презимето на едниот од измамниците и знаат каде живее, па останува полицијата да реагира.

Од оваа хуманитарна организација апелираат: доколку кај некого дојде лице што се претставува како нивни волонтер, да го фотографира и да ги испрати фотографиите во организацијата за да се разоткрие оваа криминална група.

Последен пат имаше ваква случка на 26 март годинава. И тогаш организирана група измамници одеше од врата на врата во домовите на луѓето во скопските населби, претставувајќи се како членови од хуманитарната организација „Свети Спас“. За христијанскиот празник Велигден, тие бараа финансиска помош, наводно за хендикепирани дечиња. Тие имаа лажни беџови од организацијата и покажуваа фотографија лично од отец Оливер и од црквата „Свети Спас“ во Драчево.

Во некои делови од градот тогаш беше видена жена, додека во други – маж.

Оваа екипа беше видена во Аеродром, во Радишани, во Бутел и во Ѓорче Петров, но и на улицата „Владимир Комаров“ број 14.

И тогаш беше пријавен случајот во МВР, но организираната група и натаму дејствува.

Отец Оливер тогаш истакна дека и минатата година човек собирал пари во името на хуманитарната организација „Свети Спас“, но дека го фатиле лично и го држеле додека дошла полицијата. Бил земен на информативен разговор, па потоа бил пуштен.

– Немаме закон со кој би биле заштитени – дециден е отец Оливер.

(А.П.)