Се подобрува лошата соработка меѓу домашните компании и странските инвеститори

2

И кај домашните компании и кај странските инвеститори постои волја и желба меѓусебната соработка да се интензивира, но за тоа е потребен соодветен квалитет на производите, брза испорака и соодветна цена

 

Ниското ниво на соработка на домашните компании со фабриките во ТИРЗ зоните е резултат на недостигот на соодветна технологија, непочитување на стандардите и времето на испорака како и начинот на плаќање, покажа анкетата која минатата година беше спроведена меѓу странските инвеститори кои што работат во Македонија.

Од Дирекцијата на ТИРЗ велат дека постои желба и кај домашните компании и кај странските инвеститори меѓусебната соработка да се интензивира, но за тоа е потребен соодветен квалитет на производите, брза испорака и соодветна цена.

– Тука ни едните и другите не се за обвинување, бидејќи со години наназад нашите компании не се развиваа на едно повисоко ниво. За да станеш добавувач на било кој од овие компании, односно на било кој од светските компании потребно е да бидеш сертифициран, стандардизиран…. Добар дел од македонските компании веќе почнаа да работи на тоа изминативе години, но сепак има дел од нив кој не можат да произведуваат делови за странските компании. Соработката со домашните компании е лимитирана, но некои од странските компании веќе имаат развиен синџир на соработка. Така компанијата „Ван Хул„ е многу добар пример за тоа бидејќи целокупното производство на неколку домашни фабрики е наменето за оваа странска компанија. Тој синџир е почнат и работиме секојдневно тоа да го забрзаме, вели директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Александар Младеновски.

Од Владата велат дека соработката помеѓу домашните и странските компании е особено важна компонента за економскиот развој на државата, пред се за одржливоста на економијата. Мерките кои се преземаат во оваа насока поттикнуваат повисоко ниво на конкурентност, но потребно е време домашните компании да го достигнат потребното ниво на продуктивност и да ги задоволат стандардите кои странските компании ги побаруваат.

– Најголем дел од странските компании кои се подизведувачи на други мултинационални компании се во автомобилската индустрија, а тие компании за да остварат соработка со некоја домашна компанија мора да се консултираат со нивните крајни клиенти. Тоа ја ограничува можната соработка. Сепак, постои голем простор за соработка кај оние компании кои произведуваат готови производи, кој постепено ја зголемува соработката со домашните, преку набавка на метални конструкции, стакло, пластика и други компоненти што се наоѓаат на македонскиот пазар“, изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Според него, клучна улога за зголемување на соработката, кога станува збор за домашните компании, е зголемување на нивната конкурентност.

(А.С.)