Ако сакате да одите на одмор а да не вадите паричник. all inclusive аранжманите се најдобра опција. Освен што нема да размислувате дали имате ситни евра, долари, лири… нема да размислувате ни за појадок, ручек, вечера, како ни за цените на лежалките. На плажа имате шанкови со разни пијалаци за освежување, како и содржини за забава за деца и за возрасни. Исто така нема да ви биде потребен такси превоз, бидејќи има организиран автобуски превоз од аеродромот до хотелот.
Од туристичките агенции велат дека интересот за all inclusive аранжмани во последниве две години е голем, а причината зошто голем дел од македонските граѓани се одлучуваат за овој тип на аранжмани е што не треба да се грижиш за ништо од пат па се до сместување, храна, пијалаци…
-Аll inclusive аранжмани имаме речиси за секоја дестинација, Грција, Црна Гора, Албанија, Египет, Малдиви… Има клиенти кои овој тип на услуга го бараат и за Грција, а тоа го добиваат кога ќе резервираат хотелско сместување. Секој хотел нуди тип на услуга која си ја одбира клиентот, може да одбере само ноќевање со појадок и вечера, или пак со се вклучено – аll inclusive. Ваков тип на услуга имаме и за аранжманите во Албанија, нормално оние кои одбираат хотелско сместување. Најчесто македонските граѓани ги одбираат аll inclusive аранжманите за Анталија, Аланија, Сиде, Белек, Кемер – Турција и за Хургада – Египет. Кога се во прашање овие аранжмани платени се авионскиот билет, аеродромските такси, трансфери од аеродром до хотел и обратно, како и сместување со одбраниот тип на услуга, велат за ВЕЧЕР од туристичката агенција ЈК „Травел“.
Цените на аll inclusive аранжманите зависи од видот на хотелот, од тоа кога е направена резервацијата, како и од временскиот период кога одите на одмор. Така на пример во моментов за седумдневен all inclusive аранжман за Турција ќе платите 375 евра по лице. Турција е земја која знае како да го работи all inclusive концептот, во хотелите запазени се сите протоколи и многу се внимава на хигиената и токму затоа последниве години многу македонски граѓани се одлучуваат својот летен одмор да го поминат токму во оваа дестинација.
-Цел одмор буквално не се фатив за џеб. Сè ми беше платено од хотелско сместување, појадок, ручек, вечера, кафе, сладолед, пијалаци… Речиси сите пари што ги носевме ги вративме назад. Имаше организирани дневни и ноќни забави, игри натпревари, како за децата, така и за возрасните. Освен лежалките, на плажа имате буквално сè. Нема потреба да носите пешкири, да мислите на кафе, сладолед и ладни пијалаци, бидејќи имате шанкови на повеќе места кој исто така ви се платени, вели Елена од Скопје која неодамна се врати од летување во Кемер-Турција.
Единствено за што треба да платите дополнително е доколку сакате да посетите културно-историски споменици, да се возите со брод, да летате со балон над море, да одите на рафтиг…
(А.С.)