Се е ова премалку за крај

14

Претседателот на Собранието за в понеделник, 15 октомври, ја закажа седницата на која на дневен ред ќе биде Предлогот за пристапување кон уставни измени, а седницата на Комисијата за уставни прашања ќе биде закажана за утре напладне

 

Пратениците пред клучна одлука, ќе се соберат во собраниската сала за да обезбедат мнозинство за уставни измени или ќе се самораспуштат. Рокот што си го даде премиерот Зоран Заев завршува и веќе до крајот на неделава ќе биде извесно дали постреферендумската криза ќе добие разврска или најавените избори ќе донесат нова неизвесност.
До крајната одлука не стивнуваат шпекулациите, како ќе се обезбеди потребното мнозинство и кои опозиционери ќе дојдат во собраниската сала “Македонија” да дадат поддршка за уставни измени, кои се предвидени со Договорот од Преспа.

Во исто време, не стивнува неизвесноста дали сите опозиционери ќе донесат единствена одлука и дали ќе останат во собраниската сала кога ќе почне расправата за уставните измени.
Од ВМРО-ДПМНЕ не кажуваат прецизно дали другите пратеници ќе присуствуваат на седницата на Комисијата за уставни прашања и на пленарната седница и дали ако се таму ќе дискутираат за тоа дали постои потребата од измени на Уставот.

– Не е важно кој ќе учествува во расправата во Собранието, важно е дека Договорот е мртов и тој не произведува никакви правни, ниту уставни измени. Народот на референдумот кажа дека е против Договорот и пратениците од сите политички партии треба тоа да го почитуваат. Ова што сега се прави во Собранието е силување на демократијата – вели Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Министрите се скараа

Предлог уставните промени што ги усвои владата предизвикал сериозни
конфликти во владата откако на различни форуми се водела оштра дебата дали Владата има легитимитет да иницира промена на устав со неуспешен референдум.
Најгласен противник на решението на владата да протурка по најбрза можна
постапка уставни измени согласно Преспанскиот договор, објавува порталот Експрес.мк била министерката за правда Рената Десковска.
Како што пренесува порталот, повикувајќи се на партиски извори високо позиционирани во владејачката коалиција, за Десковска која е експерт за политички систем и уставно право, владата по референдумот нема ниту политички легитимитет ниту правни прерогативи за иницијативата за уставни измени.
Министерката за правда засега јавно не го кажала својот став за уставните измени.
Според истите извори проблем со владината иницијатива имале и експерти блиски на ДУИ кои предупредиле дека вака донесени уставни измени можат да паднат пред Уставниот суд.

 Седница во понеделник

Претресот по предлогот за пристапување кон измена на Уставот во Комисијата за уставни прашања може да трае најмногу десет работни дена. Според Деловникот, член на Комисијата за уставни прашања и пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група, вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.

Претседателот на Собранието за в понеделник, 15 октомври, ја закажа седницата на која на дневен ред ќе биде Предлогот за пристапување кон уставни измени, а седницата на Комисијата за уставни прашања ќе биде закажана за утре напладне.

Од Собранието на Република Македонија информираат дека 61. седница ќе се одржи во понеделник на 15 октомври во 11 часот, а по нејзиното завршување ќе започне 60. седница.

Заев тврди – пари не се нудат

Гласот на пратениците ќе ја определи иднината на Македонија. Вистинската опција е парламентот, а не предвремените избори, порача денеска премиерот Зоран Заев во врска со уставните измени кои ги предложи Владата, а кои треба да влезат во собраниска процедура.

Според Заев, не треба да се изгубат месеци во нови избори, не треба да се изгуби ниту еден ден за државата. ,,Да бидеме максимално фокусирани преку парламентот. Јавноста е заморена од избори, кои лошо влијаат и на економијата”, рече тој.

Во однос на тоа дали ќе ја добијат и поддршката од опозициските пратеници, тој рече дека само во моментот на одлучување и на дебата во Собранието ќе може да се види дали постои поддршка.

– Морам да ги отстранам шпекулациите за пари и незгодни состојби, ова мора да е благопријатна состојба. Секој пратеник е еднакво важен, рече Заев.
Во однос на објавите дека се обезбедени 80 пратеници, премиерот вели дека процесот не е математика и бројки, туку ќе се постигне преку разговор и мотивација за одговорност.

,,Сакам уште денес да има седница, ама никој не ме прашува, тоа зависи пред се од претседателот на Собранието. Ако успее супер, ако не – нека ми каже некој што понатаму. Остануваат предвремени избори за обезбедување двотретинско мнозинство. Но, да се фокусираме на парламентот. На избори се знае кој ќе победи, но ќе изгубиме време, два-три месеци, јавноста е заморена од избори”, порача Заев.