Сериозно скапа грешка: Гости послужени по грешка со вино од 4.500 фунти

88

Келнер од Манчестер по грешка на еден гостин му сервирал шише со вино кое чини 4.500 фунти или 5.144 евра, објавија од ресторанот „Хауксмур Манчестер“ на „Твитер“, без да прецизираат по која цена ова вино им било наплатено на гостите.

-Од таму додаваат оти се надеваат дека гостите уживале во вечерата за време на која по грешка биле послужени со ексклузивното вино „Шато ле Пин померол“ старо 18 години, пренесува Би-би-си.

Од ресторанот на својот келнер му порачале дека разбираат оти грешки се случуваат и дека без разлика на сè и понатаму го сакаат.

Објавата на „Твитер“ предизвика бурни реакции кај корисниците – едни го фалеа раководството на ресторанот бидејќи не биле строги кон келнерот кој направил грешка, додека други се пошегувале дека мора да го посетат Манчестер.

Според интернет-водичот за вино „Култни вина“, во светот се произведени само 500 кутии од ова вино, кое се опишува како пијалак во кој е вложено многу внимание и напор со цел да се добие длабоко црвена-сино-пурпурна боја, проследена со извонреден мирис на ликер од цреши, сливи, карамели и сладок коре.