Дан Пержовски ќе се претстави со уметничкиот проект „Обновени вести“ (ReNews), а Лиа Пержовски со „Сет за преживување – избор од Музејот на знаењето“(Survival Kit – a selection from Knowledge Museum). -Оваа изложба ги испреплетува нивните заеднички пристапи, притоа нудејќи повеќестрана визија за тоа како уметноста може да служи како медиум за општествена критика и трансформација. И покрај различните медиуми во кои работат, и двајцата уметници ја делат заедничката цел да ја искористат уметноста како инструмент за ангажирање и промена, вели кураторката на изложбата е Мира Гаќина
Дан и Лиа Пержовски, кои ги исцртуваат ѕидовите на МоМА Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, Центарот Помпиду-Бобур во Париз, ВанАбе Музејот во Ајндховен ќе имаат самостојна изложба во Музејот на современата уметност – Скопје.
-Ова е исклучително ретка можност во Скопје да присуствуваат светски познати уметници, кои ги поместуваат границите на современите уметнички практики денес. Изложбата на светски реномираните уметници Дан Пержовски, чие изразно средство е цртежот и Лиа Пержовски истражувачка, уредничка и концептуална уметница ќе биде отворена на 26 септември во 20 часот, посочуваат од МСУ.
Дан Пержовски ќе се претстави со уметничкиот проект „Обновени вести“ (ReNews), а Лиа Пержовски со „Сет за преживување – избор од Музејот на знаењето“ – (Survival Kit – a selection from Knowledge Museum). Кураторка на изложбата е Мира Гаќина.
Изложбата претставува уникатен поглед на делата на двајца водечки современи уметници, кои ги истражуваат културните, социјалните и политичките реалности на денешницата.
-Оваа изложба ги испреплетува нивните заеднички пристапи, притоа нудејќи повеќестрана визија за тоа како уметноста може да служи како медиум за општествена критика и трансформација. И покрај различните медиуми во кои работат, и двајцата уметници ја делат заедничката цел да ја искористат уметноста како инструмент за ангажирање и промена, вели кураторката Гаќина.
Проектот „Обновени вести“ на Дан Пержовски се фокусира на актуелните општествени и политички настани преку оригинална визуелна перспектива. Замислен како динамична и еволутивна визуелна хроника, која реагира на тековните настани и промените во светот. Уметникот користи различни медиуми, често комбинирајќи графики, текстови и илустрации за да создаде креативен и критички поглед на актуелните случувања. Овој проект често вклучува и компоненти како што се стрипови, колажи и слики, кои на интензивен начин ја истражуваат и визуализираат комплексноста на современата политика и општество. Дан Пержовски се фокусира на тоа како медиумите и информациите влијаат на нашето разбирање на светот, и „Обновени вести“ е негов обид да ги истражи и предизвика традиционалните наративи и начин на известување. Со тоа, уметникот ги поттикнува гледачите да размислуваат за информираноста, пропагандата и моќта на медиумите.
Проектот „Сет за преживување (избор од Музејот на знаењето)“ на Лиа Пержовски, пак, е дел од нејзиниот поширок проект познат како „Музеј на знаењето“, во кој истражува концепти поврзани со знаењето, образованието и социјалните структури преку серија интерактивни и концептуални дела. „Сет за преживување“ е интердисциплинарен проект кој вклучува различни медиуми и формати, како: графики, објекти и документи. Оваа селекција е изработена како обид да се создаде едукативен ресурс, кој преку визуелната уметност го истражува и предизвикува размислување за историјата, културата и секојдневниот живот. Проектот може да вклучува и различни интерактивни компоненти кои ги поттикнуваат гледачите да се вклучат и размислуваат на поинаков начин, користејќи ги визуелните елементи за да создадат нови перспективи и критичко размислување.
Инаку, Дан Пержовски е познат по своите минималистички, брзи цртежи, кои често се исполнети со иронија, хумор и политички коментари. Користи различни форми на цртање – од ѕидни инсталации, уметнички книги, до активистички цртежи – за да ја критикува и анализира современата реалност. Неговите дела адресираат теми како што се воените конфликти, миграцијата, политичките системи и глобалните економски предизвици. Има реализирано бројни самостојни изложби во МоМА Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, ВанАбе Музејот во Ајндховен, МАКРО во Рим, Киазма Хелсинки и Лудвиг Музејот во Келн. Учествувал на бројни престижни групни изложби и манифестации, како Документа 15, Биеналето во Венеција, Биеналата во Истанбул, Лион, Џакарта, Сао Пауло и Сиднеј. Од 2010 година, Пержовски го продуцира цртачкиот проект во јавен простор насловен „Хоризонтален весник“, во Сибиу Романија.
Лиа Пержовски е концептуална уметница и истражувачка, која преку својата работа создава врски помеѓу уметноста, науката и образованието. Основач е на неколку платформи и институции како „CCA“ – архивата за современа уметност Букурешт и „КМ“ – Музејот на знаењето, како и „TSK“ – Телескопскиот простор на знаењето. Има реализирано самостојни изложби во Нашер музејот во Далас, Галеријата Иван во Букурешт, Музејот ESPAI Castellon во Шпанија, како и редица групни изложби, меѓу кои во Центарот Помпиду-Бобур во Париз, Тејт Модерн Лондон, МАКБА Барселона и Биеналата во Сао Пауло и Сиднеј.
Дан и Лиа Пержовски учествуваа на групната изложба „Лаф муабет“ (Small Тalk) организирана во МСУ – Скопје, 2001 година. Тие се на листата донатори на колекцијата МСУ-Скопје. Мината година престојуваа во МСУ, каде одржаа предавање на тема „Постојано репозиционирање, помеѓу локалното и глобалното“ и работилница „Цртање, разговарање и споделување“.