Воените трошоци во светот во 2019 година бележат најголем пораст во последните десет години, во услови на зголемена конкуренција помеѓу големите сили и трката за нова воена технологија, се наведува во извештајот на британскиот Меѓународен институт за стратешки студии.

Глобалното трошење за одбрана се зголеми за четири проценти во 2019 година, што е најголем раст за изминатите 10 години, предизвикано од зголемувањата на САД и Кина, се наведува во студијата.

Во годишниот извештај Институтот посочува дека зголеменото трошењето на САД во периодот од 2018 до 2019 година изнесува 53,4 милијарди долари, што е речиси исто колку и целиот буџет за одбрана на Велика Британија.

Како и Кина, така и САД ги зголемија своите воени трошоци за 6,6 проценти, се посочува во извештајот, додека Европа, предводена од постојаната загриженост од Русија, ги зголеми парите за одбрана за 4,2 проценти.

Сепак, овој раст само ги врати европските трошења во одбраната на нивоа забележани во 2008 година пред глобалната финансиска криза да ги намали буџетите.