Само странци можат да го спасат бракот на СДСМ со ДУИ

133

Да се “испеглаат” разликите и да се одредат насоките за да преживее владината коалиција беше главната причина за нова средба меѓу владините партнери Зоран Заев и Али Ахмети. Темите за опстанок на истата гарнитура на “Илинденска” не се едноствани и без многу детали за разговорите, партиски извори брифираат дека на маса се отворaат сите прашања меѓу владиниот двоец, а за претседателски кандидат ќе се решава најверојатно во петок.

Првата рунда разговори со коалициските партнери за консензуален кандидат од минатата недела не го донесе конкретното име, а според информациите интензивните разговори деновиве ќе го дефинират кандидатот непосредно пред закажаниот конгрес за в недела.

И покрај впечатокот дека владината криза се продлабочува и дека се заострува реториката меѓу СДСМ и ДУИ и премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети се оптимисти дека ќе се постигне договор за заеднички кандидат за претседател.

Измените во законот за Јавно обвинителство во делот за истрагите на СЈО, јавните несогласувања меѓу коалициските партнери СДСМ и ДУИ за процедурата за одземање на имунитетот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Вељаноски, скандалот со пензиската афера, и уште неколку ситуации ја зголемија недовербата во релациите меѓу Заев и Ахмети.

И покрај тоа, ценат познавачите на политичките прилики, коалиционите партнери ќе го продолжат бракот од интерес, и заеднички ќе настапат на претстојните избори. За СДСМ тоа би значело поголема сигурност и гаранции за цензусот и во вториот круг претседателски избори, а за ДУИ тоа би значело добар пазар и претседател по нивни вкус. За да успее пазарот меѓу Ахмети и Заев, цени поранешниот министер Џевдет Хајредини, на Заев му треба помош и од странците.

-Дојде моментот да го повторам тоа што сум пишувал и кажувал повеќе пати досега: ДУИ жестоко ќе се спротивстави на реформите во правосудството. Ќе стори се, само СЈО да не ги заврши отворените истражни постапки. Заев нема сила, без помош на странците, да се справи со Али Амети, кој многу добро знае дека, заедно со своите најблиски соработници, ако реформите успеат, ќе се најдат таму каде што се наоѓаат тие со кои осум години во заедничка власт ја заробија државата и ја втурнаа во длабока криза, од која нема излез без директна интервенција на ЕУ и САД, вели Хајредини.

По консултациите со ДУИ кои финишираат, ако има договор, следува поширок круг консултации со другите партнери, со цел претседателските избори да поминат лесно и цензусот да не се доведува во прашање. Доколку во вториот изборен круг не се обезбеди потребниот цензус и не биде избран нов претседател на државата, по Уставот претседателот на Собранието ја врши должноста во период од најмногу шест месеци. Во меѓувреме, појаснува собранискиот спикер Талат Џафери, се повторува постапката за избор на претседател на државата, односно се распишуваат нови избори. Овој случај, потенцира претседателот на Собранието, е предвиден во Уставот, како што е предвидено и што се случува доколку по било кој основ претседателот на државата да е спречен да ја извршува функцијата. Двата случаи, рече Џафери, се регулирани со членовите 81 и 82 од Уставот.

Неофицијално во игра и понатаму остануваат истите имиња како можни кандидати. Покрај Оливер Спасовски, кого го кандидираа од општинската организација на Куманово, се споменуваат и министрите Радмила Шекеринска, Никола Димитров и координаторот за НАТО, Стево Пендаровски.