Денес кога заканата од нуклеарна или трета светска војна е голема, единствено Швајцарија има капацитет да ги засолни сите свои жители, до еден, водена од изреката „бункер за сите“.
Неутралната Швајцарија троши повеќе од 20 проценти од својот буџет за да се обезбеди, а има и закон според кој секој жител мора да има простор за заштита до кој може да дојде брзо од местото на живеење. Некогаш и сите сопственици на станбени згради морале да изградат и да опремат засолништа за сите станари.
Швајцарците во засолништата можат да избегаат во случај на разни катастрофални сценарија кои нивните стручњаци успеале да ги замислат.
Во Швајцарија има над 370 илјади засолништа низ земјата, во станови, болници и разни установи, но и над 5.000 јавни. Во случај на „армагедон” заштитата за вкупно над 8,6 милиони жители е обезбедена. Изградбата на засолништа е задолжителна со закон од 1963 година, а од крајот на 90-тите бројот продолжил да расте, поради ставот дека неутралноста не штити од радијација.
Тунелот „Соненберг“ во Луцерн, изграден во 1976 година, е највпечатлив дел од мегапроектот за заштита на цивилите. Просторот е осмислен така што може да прими 20 илјади луѓе, имал и болница, операциска сала, контролен центар и други содржини. Без оглед на големината, проектот сепак имал и бројни мани. Една од нив била и вратата дебела 1,5 метри и тешка 350 тони која не можела добро да се затвори, а имало сомнеж и околу логистиката кај така голем број луѓе на едно место. Во 2006 година Швајцарците се откажале од изградба и одржување на засолништата, па повеќето од нив почнале да ги користат како складови за велосипеди и разни предмети, вински подруми и за други работи.
Голем број бункери има и во Албанија, Шведска, Финска, Јужна Кореја, Сингапур, Кина, Индија… но во некои држави повеќе децении тие имаат други намени.