Една од најголемите технолошки компании во светот Мајкрософт неодамна се најде на удар на јавноста по веста дека го ангажирала Стинг за приватен концерт за педесетина луѓе на Светскиот економски форум во Давос.
Како што пишуваат американските медиуми, на овој настап на познат музичар присуствувале највисоките функционери на Мајкрософт, а атмосферата била „интимна“.
Не беше објавено колку чинеше хонорарот на пејачот, но според американските медиуми ангажманот на Стинг чини од 500.000 долари па нагоре.
Веќе следниот ден оваа компанија најави отпуштање на 10.000 луѓе, речиси пет отсто од своите вработени, поради „макроекономските услови и промените во приоритетите на клиентите“.
Во е-пошта до вработените, извршниот директор на Мајкрософт, Сатја Надела, објави дека отпуштањата треба да бидат завршени до третиот квартал на 2023 година.
„Ќе се однесуваме со нашите вработени со достоинство и почит и ќе работиме транспарентно. Овие одлуки се тешки, но неопходни“, напиша Надела.