Саатницата на европскиот работник изнесува 30,5 евра, на македонскиот – 4,5 евра

Просечните бруто-трошоци за вработените во ЕУ за еден работен час во 2022 изнесувале 30,5 евра. Најниски трошоци за работна сила има во Бугарија и во Романија, а највисоки во Луксембург. – Работникот во Бугарија за еден час работа добива 8,2 евра (бруто), во Романија – 9,5 евра. Најскапи работни часови има во Луксембург – 50,7 евра, Данска 46,8 евра и во Белгија 43,5 евра – соопшти „Евростат“. Македонија не е на оваа листа, бидејќи не е членка на Европската Унија, но последните податоци за нашата земја покажуваат дека македонските работници се најконкурентни во Европа и ги чинат работодавците најмалку пари. Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во јануари 2023 година, изнесувала 50.837 денари. Имено, газдите во Македонија плаќаат во просек по 4,5 евра за час работа

114

Просечните бруто-трошоци за вработените во ЕУ за еден работен час во 2022 изнесувале 30,5 евра. Најниски трошоци за работна сила има во Бугарија и во Романија, а највисоки во Луксембург.

– Работникот во Бугарија за еден час работа добива 8,2 евра (бруто), во Романија – 9,5 евра. Најскапи работни часови има во Луксембург – 50,7 евра, Данска 46,8 евра и во Белгија 43,5 евра – соопшти „Евростат“.

Трошоците за работна сила по час во индустријата во ЕУ лани изснесувале 30,7 евра, во градежништвото 27,3, а во услужните дејности – 30,2 евра.

Во пресметаката на трошоците за работна сила се вклучени две главни компоненти – платите и социјалните придонеси што ги плаќаат работодавците за работниците.

Македонија не е на оваа листа, бидејќи не е членка на Европската Унија, но последните податоци за нашата земја покажуваат дека македонските работници се најконкурентни во Европа и ги чинат работодавците најмалку пари.

Просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во јануари 2023 година, изнесувала 50.837 денари. Имено, газдите во Македонија плаќаат во просек по 4,5 евра за час работа, додека во Европа овој просек е 30,2 евра.

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во јануари 2023 година, во однос на јануари 2022 година, изнесувал 113.6.

– Ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: транспорт и складирање (24,1 %), градежништво (21,5 %) и објекти за сместување и сервисни дејности со храна (17,3 %). Намалување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: градежништво (5,0 %), преработувачка индустрија (4,9 %) и трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (2,6 %) – покажуваат податоците на ДЗС.

Најголем месечен просек на издатоци има за работниците во секторот компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности – 137.804 за вработен, што е повеќе од два и пол пати од државниот просек. Во овој сектор, саатницата изнесува 749 денари или 12,2 евра. На пример, во рестораните за подготовка на храна во Германија, на студентите им се исплаќаат по 12 евра за час сезонска работа.

Најниска е цената на трудот во секторот заштитни и истражни дејности, каде што работникот го чини работодавецот 28.137 денари месечно, што е 52 отсто од просекот во земјава, а, пак, саатницата во овој сектор е најниска и изнесува 153 денари или 2,5 евра.

Кај нас, и работното време е фиксно, односно се смета 40-часовна работна недела, иако многу често има случаи кога работниците остануваат на работа прекувремени работни часови, кои не се исплаќаат секогаш дополнително, односно законски.

За преживување, на едно четиричлено семејство во 2016 година му требале 1,5, а сега 2,5 минимални плати

Во декември 2016 година, вредноста на минималната синдикална кошничка била 32.102 денари. Според Државниот завод за статистика, во декември во 2016 година минималната плата била 8.800 денари, а просечната – 23.457 денари. За да се задоволи минималната потрошувачка кошничка за едно четиричлено семејство, тогаш биле потребни речиси четири минимални плати, односно 1,5 просечни плати.

Сега, вредноста на минималната кошничка е 51.514 денари. Минималната плата од овој месец е 20.175 денари, а просечната, објавија од ДЗС, изнесува 34.364 денари. За да се задоволи минимална потрошувачка кошничка сега, за едно четиричлено семејство се потребни 2,5 минимални плати, односно 1,5 просечни плати.

(С.Бл.)