РСБСП укажува како безбедно да возите во зимски услови?

15

За возење во зимски услови, секогаш е потребно многу поголемо внимание и поголема концентрација. Притоа, покрај поседување задолжителна зимска опрема, сите возачи кои ќе го прифатат предизвикот да возат во зимски услови, треба да располагаат и со oдредени знаења и вештини како безбедно да пристигнат до посакуваната дестинација.

• Задолжителна и незадолжителна зимска опрема

Во согласност со законските одредби, во Република Македонија, возачот на моторно возило, во периодот од 15 ноември до 15 март, задолжително треба да поседува зимска опрема во возилото.

Во задолжителна зимска опрема, за возила до 3500 kg, влегуваат зимски гуми кои мораат да имаат шара-длабочина на нагазниот слој од најмалку 4 милиметри или летни гуми со минимум длабочина на шарата од 4 мм и синџири за снег на погонските тркала.

Кога станува збор за зимските гуми, потребно е сите четири гуми на возилото да бидат со зимски профил. Зимски гуми се потребни и кога на патот нема снег или мраз бидејќи летните гуми поразлично се однесуваат при возење на ниски температури.

Разликата меѓу летните и зимските гуми, не е само во шарата на гумите, која кај зимските гуми подобро ги истиснува остатоците од снег и водата на коловозот, туку и во составот на гумата. Летните гуми при ниски температури стврднуваат и добиваат својства на „тврда пластика“ и обезбедуваат многу слаб контакт со подлогата. За разлика од тоа, зимските гуми и при ниски температури остануваат меки и обезбедуваат постабилен контакт со подлогата.

Доколку се упатите во некој од ски-центрите, или тргнете на пат кој е на поголема надморска височина, задолжително сметајте на употреба на зимски ланци на погонските тркала.

Покрај обврската за носење зимска опрема, добро би било, возачите на автомобили во возилото да имаат и лопати за отстранување снег, различни четкички за стакло, спреј за одмрзнување на брави, кабли за стартување на возилото, кофа со песок, стара крпа, метла, кебе, ракавици и многу други работи што можат да бидат драгоцени доколу се најдат во непријатна ситуација, односно доколку останат заглавени во снег.

• Прилагодете се на состојбата на патиштата

Возењето на пат со снег, мраз или силни налети на ветер, создава проблеми во движењето на возилото, а посебно со неговото застанување. Доколку патот е замрзнат, потребно е возилото да го возите значително побавно и со што помалку нагли движења во возењето.

При тргнување на пат во зимски период, исчистете го целиот снег од возилото и исчистете го мразот. На поголем дел од возачите, најголем проблем ѝм преставува придвижувањето на автомобилот во снег или на мраз. Затоа, кога ќе додавате гас, квачилото стискајте го и отпуштате го полека и доколку почувствувате лизгање на тркалата, притиснете уште малку на квачилото, па повторно попуштете сѐ додека возилото не се придвижи.

Никако не смеете да ја притискате педалата за гас нагло и силно, ниту педалата за кочење. Користете го максимално моторното кочење.

Она што е најважно кога возите во зимски услови на патиштата е внимателното следење на комплетниот сообраќај за да бидете во можност навремено и бавно, без нагли движења, да го забрзате, забавите, свртите или запрете возилото. Најопасни се наглите движења на замрзнати коловози.

На пат на кој има многу снег или мраз, најдобро е да се движете во втора брзина. Во тек на возење со преголем број вртења, може да се случи да дојде до лизгање на тркалата и занесување на возилото. Тогаш треба внимателно да се одзема гаста.

Во случај на забрзување на возилото, во зимски услови на патиштата, треба што побрзо да се преминува од помал кон поголем степен на пренос на брзината, за што помалку да се движи возилото во „лер“.

При промена на правецот на движење на автомобилот за да не дојде до занесување на возилото, не треба ниту да додавате, ниту да одземате гас. Педалата за кочење, при услови на снег или мраз, се користи исклучително во крајни услови. Главниот водич за безбедно возење во зимски услови се звуците на моторот и евентуалното лизгање кое треба по чувство да се контролира.

• Обука и полагање возачки испит во зима

Идните возачи кои одлучиле да земат практична обука во зимскиот период, не треба да ја одложуваат истата за на пролет бидејќи во зима навистина ќе ги совладаат важните лекции што ќе ѝм бидат од полза при понатамошното управување со возилото. Зимското возење е специфично, па затоа треба да се соочат со предизвикот и да ја совладаат спецификата на зимското возење додека крај себе имаат професионален возач-инструктор

Младите пак, и неискусни возачи, и покрај тоа што веќе поседуваат возачка дозвола, добро е да земат дополнителни часови за возење во зимски услови, затоа што првпат се соочуваат со предизвикот да возат по замрзнати коловози. Доколку не се одлучат за дополнителни часови практична обука во автошкола, најдобро е пред да започнат сами да управуваат со моторно возило во зимски услови, да го направат тоа со искусен возач во кругот на своите најблиски. На тој начин, ќе се здобијат со бесплатна и важна обука и со драгоцено искуство.