РСБСП: Патиштата имаат свои приказни – сериозно со “чумата на 21 век”

2

Според податоците на СЗО, годишно, во сообраќајни незгоди животот го губат околу 1,3 милиони луѓе, што претставува 2,2% од глобалната смртност. Овие податоци покажуваат дека над 3.500 лица дневно умираат како последица на сообраќајни незгоди, а околу 140.000 лица се повредени. Од нив, дури 15.000 лица се здобиваат со трајни последици – траен инвалидитет.

– Црната статистика, во светски рамки, покажува дека годишно околу 400.000 млади лица, на возраст до 25 години, го губат животот во сообраќајни незгоди, односно околу 1100 лица, секој ден. Според СЗО, сообраќајните незгоди претставуваат трета причина за смртност кај децата на возраст од 5 до 9 години, втора причина за смртност кај децата на возраст од 10 до 14 години и кај младите на возраст од 20 до 24 години, а прва причина за смртност кај децата на возраст од 15 до 19 години – велат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Во Република Македонија, на годишно ниво, околу 160 лица го губат животот во сообраќајни незгоди, а повеќе од 6000 лица се повредени.

– Бројките се навистина загрижувачки, но не станува збор само за бројки, туку за човечки животи и семејни судбини. Патиштата се повеќе наликуваат на бојно поле каде се случуваат трагедии без крај, се пролева многу крв и се испишуваат тажни семејни приказни…Не можеме и не смееме да го прифатиме фактот дека сообраќајните незгоди се само нечија судбина која не сме во можност да ја смениме. Не смееме да се доведеме во ситуација да се плашиме да чекориме по улиците, да се плашиме дали безбедно ќе пристигнеме во својот дом, да стравуваме дали нашите деца безбедно ќе стигнат до училиште, дали безбедно ќе ја преминат улицата… да стравуваме од секој нов ден и од она што тој ќе ни го донесе – нагласуваат од РСБСП.

Свесни за сериозноста на предизвикот кој многумина го нарекуваат „чума на 21 век“, Обединетите Нации ја прогласија декадата 2010-2020 како декада за безбедност во сообраќајот на патиштата, а третата недела од месец ноември ја прогласија за недела на „Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди“. Од РСБСП апелираат до сите надлежни институции да ја издигнат безбедноста на сообраќајот на патиштата на врвот на агендата на дејствување, но исто така, апелира до секој поединец – учесник во сообраќајот, да покаже повисоко ниво на свест и одговорност во сообраќајот.

– Црната слика на патиштата можеме да ја промениме само ако секој поединец, учесник во сообраќајот, го даде својот личен придонес за побезбеден сообраќај. Покрај онаа црната и морбидна страна, животот има и една друга убава страна покриена со љубов, насмевки и среќа. Покрај црната слика, патиштата имаат и една друга многу поубава: патувања исполнети со радост, доживувања и спомени – велат од РСБСП.