Рози Мицкоска: Ако ја гледаме добрината во луѓето, ќе стигнеме до среќата

1526

На Божик во семејството на лидерот на ВМРО/ДПМНЕ, Христијан Мицкоски има двојно славење. Со сите православни обичаи се слави Христовото раѓање, но и именденот на домаќинот.

За подготовките за Бадник, Божик, именденот, но и за други прослави кои ги слави семејство, а кои се во јануари, задолжена е неговата сопруга Рози.

– За Бадник правиме домашно лепче со паричка, а за децата е многу возбудлив моментот кога го кршиме. Пет години наназад паричката се паѓа кај Христијан. За Божик, кога е и неговиот именден, традиционално, со дома месена погача одиме во Соборниот храм, кршиме лепче и палиме свеќи за здравје. Потоа, во домашен амбиент ручаме само со најблиските, во пријатна атмосфера. Инаку, можам да кажам дека јануари е месецот на нашето семејство. На 20 јануари го славиме Свети Јован, именденот на постариот син, а на 30 јануари го славиме Свети Антониј, роденден и именден на помалиот син, а, вели таа и додава, дека уште откога се венчале со Христијан, сами со семејството, или со најблиските пријатели, во домашен амбиент, ја слават и Нова година.

Рози е вработена жена, која многу ја сака својата професија и како професор по македонски јазик во скопската гимназија “Орце Николов” дава се од себе да ги поттикне тинејџерите да читаат книги и добро да го научат и да го почитуваат мајчиниот јазик. Рози е и мајка на 12-годишниот Јован и на тригодишниот Антони, кои како што вели, ги растат заедно со сопругот, но сега, кога тој се занимава со политика, таа презема поголем дел од задачата за нивно виспитување. Иако нејзиниот сопруг на митинзите покажува голема енергија, таа вели дека во кругот на семејството и со децата е сосема смирен, и оти има исто толку енергија и за нив. За себе кажува дека е позитивна и ведра личност која верува дека во секој човек има нешто добро.

– Тоа е она што ме води напред. Така ги воспитувам моите деца, така ги учам и моите ученици. Сакам да го гледам доброто во луѓето и верувајте, така се успева да се биде среќен во животот, со избрани зборови раскажува Рози Мицкоска.

Таа е родена струмичанка, а во Скопје е од 1996 година, кога дошла да студира, па го засакала градот и сега во него се чувствува убаво. Со Христијан се заедно уште од студентските денови, а врската ја крунисале со брак во 2005 година.

– Се омажив за инженер, магистер на Машински факултет. Сега живеам со професор на Машинскиот факултет и политичар. Иако е огромен предизвик, се надевам дека успешно се снаоѓам во таа улога. Сега, како жена на политичар не ми е потешко од претходно, има повеќе обврски, но секако и повеќе предизвици, вели Мицкоска и додава дека нејзиниот сопруг во она што го работи, ја има целата нејзина поддршка.

Додека Христијан е познат на македонската јавност, Рози е елегантната дама која на телевизиските инсерти може да се забележи покрај него. Таа е секогаш со уредна фризура, шминка и убава облека, кои иако ненападни паѓаат во очи, вели дека едноставно е дел од неа. Нема стилист, го купува и облекува тоа што ќе и се допадне во моментот. Нема омилен пејач, филм, ниту пак што било друго омилено… освен децата.

– Немам омилени нешта, освен сопствените деца. Се друго само ми се допаѓа. Јас едноставно го правам тоа што прави да се чувствувам удобно во својата кожа, низ насмевка кажува таа.

 

Сам се пријави во војска и дури потоа ме извести

Рози Мицкоска како интересен момент од нивната долгогодишна врска го издвојува оној кога Христијан доброволно се пријавил да служи војска во 2004 година, а дури отпосле и го соопштил тоа.

-Беше гардист во касарната во Илинден, со гордост кажува Рози.

Светлана ВУКЧЕВИЌ
ФОТО: С.ПЛАВЕВСКИ