Ристевска Јорданова: Бугарија  бара начини ние сами да си го поставиме ултиматумот за промена на Уставот, а ЕУ да гарантира!

134

 

 

 Неразумно е да се внесат Бугарите во Уставот – како дел од бугарскиот народ, сѐ додека нивната матична држава го негира постоењето на македонскиот народ, истакна за весникот ВЕЧЕР, д-р Малинка Ристевска Јорданова,член на Управниот одбор на Институтот за европска политика(ЕПИ) од Скопје. Бугарија не може да го спроведе овој нов ултиматум за промена на Уставот преку Европската унија, па сега бара начини ние сами да си го поставиме ултиматумот, а ЕУ да го гарантира тоа, за некој утре да не го смени, додаде таа. Две третини од граѓаните не ги прифаќаат бугарските барања, особено оние што задираат во јазичните и идентитетските прашања, дури и ако тоа би значело деблокирање на евроинтегративниот процес, покажува анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ. Дел од експертската јавност предупредува дека прифаќањето на овие барања може да значи отворање на дополнителни проблеми во македонско-бугарскиот спор.

 

 Две третини од граѓаните не ги прифаќаат бугарските барања, особено оние што задираат во јазичните и идентитетските прашања, дури и ако тоа би значело деблокирање на евроинтегративниот процес, покажува анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон ЕУ. Дел од експертската јавност предупредува дека прифаќањето на овие барања може да значи отворање на дополнителни проблеми во македонско-бугарскиот спор.

Внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав сѐ додека Бугарија го негира постоењето на македонскиот народ, како што посочува д-р Малинка Ристевска Јорданова,член на Управниот одбор на Институтот за европска политика(ЕПИ) од Скопје, е неразумен потег. 

„Она што Бугарија го бара не е воведување европски стандарди на недискриминација, туку воведување на „Бугарите“ во македонскиот Устав. Неразумно е да се внесат Бугарите во Уставот – како дел од бугарскиот народ (каква што е нашата уставна фомулација), сѐ додека нивната матична држава го негира постоењето на македонскиот народ. Затоа е многу битно дали Бугарија ќе отстапи од досегашните позиции во кои го негираше македонскиот идентитет (Рамковната позиција од 2019 година, Објаснувачкиот меморандум) и кога, евентуално, би се направила измената на Уставот. Доколку тоа не биде на крајот од процесот, пред нивната ратификација, веројатно е дека Бугарија би барала измената на Уставот да се материјализира во текот на пристапниот процес. Во таа насока веројатно би поднесувале барања за одредници за отворање кластери, преодни одредници за поглавјата 23 и 24, и одредници за затворање на поглавја (на пример: правична застапеност). Паралелно, сигурно би продолжиле да работат на тоа да се зголемува бројноста на оние што се определуваат како Бугари – преку издавање бугарски пасоши, натамошно финансирање на здруженијата на Бугари, итн., така што присуството на „бугарското“ во Македонија политички да се артикулира одвнатре. Тоа, пак би водело, до континуирано продлабочување на нестабилноста.“, изјави за весникот ВЕЧЕР д-р Ристевска Јорданова.  

Неточно е дека стандард на ЕУ е внесувањето на националните малцинства во Уставот пред пристапувањето, додава таа, како што пласираат македонски владини претставници.

„Европската унија нема основа во правото на Унијата да бара промена на нашиот Устав за внесување на бугарско малцинство. Оттаму, Бугарија не може да го спроведе овој нов ултиматум за промена на Уставот преку Европската унија, па сега бара начини ние сами да си го поставиме ултиматумот, а ЕУ да го гарантира тоа, за некој утре да не го смени.“, вели д-р Ристевска Јорданова.

Според неа и нашата држава треба да се огласи во врска со македонско малцинство во Бугарија и неспороведувањето на пресудите на судот во Стразбур. 

„Треба да се смени нашиот пристап и да престанеме да се „самоцензурираме“ во однос на постоењето на македонско малцинство во Бугарија и неговото признавање. Македонија не може и не смее да се откаже од поставување на прашањето зошто Бугарија не ги спроведува одлуките на судот во Стразбур. Не гледам ни зошто упорно се молчи за тоа како го снема македонското малцинство од Бугарија.“, вели д-р Ристевска Јорданова.

При секоја промена на Уставот, според неа, треба да се води сметка за легитимитетот на промените.

„Повеќе промени на Уставот беа резултат на надворешен притисок од страна на соседите, користејќи ја нашата решеност за членство во ЕУ. При тоа, се обезбедуваше формална процедурална усогласеност, но не и сеопфатна расправа за уставните промени. Ова придонесе за нерамноправност во односите со соседите, до континуирана несигурност и длабоки поделби во македонското општество. Најавената промена на Уставот под ултиматум од Бугарија, особено на почетокот на процесот, носи голем ризик да се продлабочат внатрешните процепи по сите линии. Покрај тоа,  значајни се останатите елементи од т.н. „Сеопфатен договор“, нивната меѓусебна поврзаност и какви гаранции ние ќе имаме дека Бугарија нема понатаму да нѐ блокира без никаква основа во правото на Унијата.“, заклучува д-р Малинка Ристевска Јорданова.

Две третини или повеќе анкетирани граѓани сметаат дека Северна Македонија не треба да прави отстапки согласно бугарските барања поврзани со ревизија на историјата (71 отсто), условот за јазикот (79 отсто) и положбата на бугарското малцинство во Северна Македонија (65,4 отсто). Ова го покажаа резултатите од истражувањето за перцепциите за ЕУ, од кое произлегоа два истражувачки труда „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014 – 2021)“ и „Од пофалби до разочарувања: 2021 Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија“, спроведени од Институтот за демократија со поддршка на Фондација „Конрад Аденауер“.

(И.С.)