Се најде решение за откупот на оризот. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е донесена одлука дополнително да се поддржи откупот со по 6.000 денари за 1.000 килограми откупена оризова арпа наменета за извоз. Плус на ова, оризопроизводителите ќе добијат субвенции од 18 илјади денари од хектар за тековната 2024 година.
– Ова е конкретна и многу добредојдена поддршка за земјоделците. На овој начин, ги решаваме проблемите и се бориме за подобар стандард на сите – објави Мицкоски на социјалните мрежи.
На крајот од септември годинава, оризопроизводителите, во поголем дел на нивите, не очекуваа ниту поголеми приноси ниту добар квалитет. Се пожалија дека на почетокот од жетвата не се врши откуп и дека нема формирано производствена цена.