Кошаркарите на Работнички со победа го завршија последниот натпревар од 10. коло во Првата македонска лига, откако славеа над вечниот ривал МЗТ Скопје со 88:84.

Мечот кој се огигра пред празни трибини поради одлуката на двата клуба, беше решен во третата четвртина која ја доби тимот од „Градски парк“ со убедливи 28:16, а потоа предноста лесно ја одржуваше до самиот крај. Овој меч беше без никакво резултатско значење, бидејќи „металците“ и покрај поразот останаа на првото место на табелата и со тоа ќе ја имаат предноста од домашен терен во полуфиналето и евентуалното финале, додека Работнички остана на второто место.

Најефикасен во победничкиот тим беше Чавдар Костов со 24 поени и 12 скокови, додека Димитар Мираковски уфрли 17 коша. На спротивната страна прво име беше Предраг Самарџиски со 13 поени и 15 скокови, додека најефикасен беше Иве Иванов со 15 коша.

По комплетирањето на Суперлигата, во полуфиналето од плејофот силите ќе ги одмерат МЗТ Скопје и Гостивар, како и Работнички против Блокотехна.