ПРО-ЗА Балкан: Во ова обездушено време, Дон Кихот е потребен повеќе од кога било

9

Во Даут-пашиниот амам, вчеравечер беше отворено 6 издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. Пред голем број на присутни, писатели, уметници, амбасадори и љубители на убавиот збор беа претставени пет врвни автори од Балканот, Лејла Каламујиќ од Босна и Херцеговина, Роберт Перишиќ од Хрватска, Фросина Пармаковска од Македонија, Афер Тунч од Турција и Јуриј Худолин од Словенија.

Присутните ги поздрави директорот на фестивалот, Дејан Трајкоски, кој говореше за култната книга на Басара, „Фама за велосипедистите“, каде еден од неговите ликови станува крал и Басара објаснува дека сакал да стане крал, за да ја избегне просечноста.

– Но, ликот и покрај тоа останал просечен. И токму тука го наоѓам оправдувањето меѓу другото, за постоењето на овој фестивал и за постоењето на нашите драги гости, бидејќи кој друг ќе се бори против просечноста. Дон Кихот отсекогаш бил потребен, а во ова обездушено време, повеќе од кога било. И затоа ве молам аплауз за Дон Кихот, нашите гости писатели- рече Трајкоски.

За делата на гостите зборуваа Ермис Лафазановски, претседател на Одборот за доделување на наградата „Прозарт“ и писателите Александар Прокопиев и Владимир Јанковски.

За Худолин – писател, прозаист, сценарист, колумнист и новинар, Лафазановски рече дека во Македонија на македонски јазик има објавено три книги, а се задржа на „Разузданост“ и „Посинок“, во превод на Игор Исаковски.

Јанковски, пак, говореше за хрватскиот писател Перишиќ, кој пишува и книжевни критики и коментари. На македонски јазик се објавени два негови романи, „Нашиот човек на теренот“ и „Подрачје без сигнал“.

-Перишиќ е автор кој прави необични, често гротескни споеви меѓу локалното и глобалното, со нишка која е општетсвено и критички настроена- рече Јанковски.

Фросина Пармаковаска е, , една од најдобрите писатели од младата генерација, на отварањето посочи: 

– Откако ја напишав ’Вишновата хроника’, имав чувство дека се чувствувам удобно во таа форма, во таа земја и сега засега ќе останам тука- рече Пармаковска и откри дека веќе има идеја за новиот роман и набрзо ќе почне со пишување.

Претставувајќи ја босанската писателка Каламујиќ, Јанковски рече за нејзиното творештво е карактеристично дека прави комбинација од личното искуство во општествен контекст и женските автори низ историјата.

Турската писателка Ајфер Тунч е најпозната по романите „Дволична сексуалност“, „Девојката од насловната страна“, „Ноќ на зелената вила“, а во 2003 година ја доби престижната меѓународна награда „Балканика“.

Годинашниот добитник на наградата „Прозарт“ за авторски придонес во балканската литература, легендарниот српски писател Светислав Басара во последен момент поради здравствени причини го откажа доаѓањето во Скопје.

Прокопиев за крај на вечерта, сподели анегдота од познанството со Басара, за кој рече дека е навистина среќен што ја добива наградата „Прозарт“.

– Пред 4-5 години, присуствував на една средба за време на саемот во Белград, меѓу Басара и Миљенко Јерговиќ, исто така наш добитник на ’Прозарт“. Басара му рече : – ’Ајде да напишеме заедничка книга“. За една година излезе една прекрасна книга, што е книга на кореспонденција, која не е ставена во никакви политички канони, туку е во каноните на слободната индивидуална супериорност. Ете тој супериорен автор вечерва на сите ни недостига – рече Прокопиев.