„’Пред дождот’ ја впиша Македонија на светската мапа“, напиша легендарниот американски филмски критичар Роџер Еберт, во февруари 1995, за американската премиера на филмот. Во јапонските весници цртаа мапи на Македонија за да објаснат од каде доаѓа филмот и како се изговара името на земјата. „Македонија, љубов моја”, „Од Македонија, со љубов“ и „Мајсторот од Македонија“ беа наслови во весници во САД, а „Милчо Македонецот“ во Италија…
Македонскиот светски признат класик „Пред дождот“, на Милчо Манчевски, ќе ја прослави 30-годишнината со гала златна премиера на реставрирана копија на 9 декември, во 20 часот во македонската Филхармонија.
-На златната премиера ќе присуствуваат авторот Манчевски и дел од домашната и странска екипа на филмот, меѓу кои и актерот Раде Шербеџија, дизајнерот на продукција и оскаровец Дејвид Манс, монтажерот Николас Гастер, директорот на фотографија Мануел Теран, композиторот Златко Ориѓански, актерите Петар Мирчевски, Катерина Коцевска, Силвија Стојановска и Сузана Киранџиска, а со видео порака и Сајмон Пери, поранешниот директор на „Бритиш скрин“ и најзаслужниот за можноста да се сними „Пред дождот“. Специјално за премиерата од Рим доаѓа и италијанскиот копродуцент на „Збогум, Копакабано“, новиот филм на Манчевски, најавија организаторите кои истакнуваат дека на настанот ќе присуствуваат и поголем број претставници од дипломатскиот кор во Македонија, како и личности јавниот и политичкиот живот.
„Пред дождот“ стана дел од светското културно наследство, стана класик со сврстувањето во библиотеката на престижниот „Крајтерион колекшн“ и со тоа што „Њујорк тајмс“ го вброи во 1.000 најдобри филмови во историјата.
За „Пред дождот“ е посветена интердисциплинарната академска конференција во Фиренца, има над 5.000 написи за филмот во светскиот печат, вброен е во академската програма на над 200 универзитети, како и во италијанските средни школи, освоил над 30 награди на меѓународни фестивали (меѓу кои и Златниот лав, ФИПРЕСЦИ, Индепендент спирит и Номинацијата за Оскар), играл на 220 фестивали и има дистрибуција во над 60 земји, има десетици книги и поглавја во светската стручна литература посветени на овој филм.
Кога „Пред дождот“ во 1994 година триумфираше во Венеција и го освои Златниот лав за најдобар филм, тоа беше првпат македонско дело не само да учествува рамноправно во светска конкуренција, туку и да победи. Во следната година и пол „Пред дождот“, освои уште 30-ина фестивалски награди низ светот, доби киноприкажување во 60-ина земји и, како што вели британскиот финансиер и најзаслужен за постоењето на овој филм, Сајмон Пери, „беше блиску до тоа да го освои Оскарот за најдобар странски филм“ во 1995. „Њујорк тајмс“ потоа го вброи „Пред дождот“ меѓу 1.000 најдобри филмови на сите времиња, Венеција именува една споредна награда на Фестивалот по мотото на филмот „Кругот не е тркалезен“. „Пред дождот“ натаму продолжи да живее исклучителен живот во светот – беше предмет на научни конференции и десетици научни трудови, стана дел од наставната програма на стотици универзитети во светот, а во Италија е и дел од средношколската лектира, делото и авторот се споредувани со делата на Џојс, Кундера, Бергман, Тарковски.
„’Пред дождот’ ја впиша Македонија на светската мапа“, напиша легендарниот американски филмски критичар Роџер Еберт во февруари 1995 за американската премиера на филмот. Во јапонските весници цртаа мапи на Македонија за да објаснат од каде доаѓа филмот и како се изговара името на земјата. „Македонија, љубов моја”, „Од Македонија, со љубов“ и „Мајсторот од Македонија“ беа наслови во весници во САД, а „Милчо Македонецот“ во Италија. Со помош на „Пред дождот” се изучуваше македонскиот јазик на универзитети во САД и Полска, а во Кореја – англискиот. Дури, има и италијанско вино што се вика „Пред дождот“. Во ноември 2024 филмот повторно се прикажува во Кина (од Државниот кинески филмски архив), во Словенија и во Бразил.
Триесет години по премиерата, на Оскарите 2024, во промотивното видео емитувано пред оскаровската церемонија во кое филмски уметници одговараат на прашањето кој филм ги инспирирал да посакаат да патуваат во земјата каде е снимен, легендарната актерка Глен Клоуз го избра „Пред дождот“.
„Постои филм што се вика ‘Пред дождот’ и е снимен во Македонија. Очигледно е многу стара земја и многу работи се случувале на таа почва. Никако да ми излезе од мислите“, рече Клоуз која има осум номинации за Оскар.