Прво избори па ветинг

62

Ниту еден процес не треба да биде избрзан. Драго ми е дека веќе се јакне свеста и се отвора дебата и во рамките на самите правосудни институции дека потребни се одредени корекции во нивното работење, така што тоа 99 посто, ако не и 100 отсто ќе остане за после изборите, изјави денеска министерката за правда Рената Дескоска пред почетокот на дијалогот за политики „Имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 година“, одговарајќи на новинарско прашање околу ветингот и како би се спровел.

Мора да бидеме свесни дека за да се почне процес на ветинг во правосудството потребно е двотретинско мнозинство, а тоа како и дебатата за ова прашање не може да се заврши пред изборите, појасни Дескоска.

Во однос на моделот и кој ќе го спроведе, Дескоска рече дека се можни повеќе варијанти, односно една варијанта е да се врши ветинг од страна на заедничка комисија која ќе испитува повеќе аспекти, но можно е тоа да оди и преку активност на повеќе институции.

– Можни се повеќе варијанти, една варијанта е дека може да се врши ветинг од страна на заедничка комисија која ќе испитува повеќе аспекти, но исто можно е и прочистувањето да оди преку активност на повеќе институции почнувајќи од постојни институции кои постојат во комбинација со вршење на нивните надлежности, но имаме и модели што ги гледаме дека постојат и се спроведувале во други земји, односно комисија што целосно ја презема таа надлежност и го спорведува процесот. Тоа треба да биде процес договорен со консензус од двотретинско мнозинство, рече Дескоска.