Прва изложба во Пехчево по пауза од 10 години на авторката Лена Ѓуриќ

8

Во општина Пехчево по пауза од 10 години се одржа ликовна изложба. Директорката на Домот на култура Јане Сандански, Ана Марија Теохарова е задоволна што изложбата насловена „Парижанка во Пехчево” од авторот Лена Ѓуриќ го предизвика интересот на публиката.
-Факт е дека настанот со нетрпение го дочекаа љубителите на уметноста кои по подолго време имаа прилика да видат ликовна изложба во градот Пехчево. Благодарност до авторката Лена Ѓуриќ која со своите 31 дело кои се насликани на платно долови дел од своето богато творештво. Ова е втор настан во 2019 година во делот на културните збиднувања во градот и како културна установа ќе продолжиме да го воздигнуваме културниот живот во нашето мало гратче, рече Теохарова.
Богатата колекција од ликовни дела на Ѓуриќ досега се изложувани низ повеќе градови во Македонија, како Штип, Битола, Струмица, Радовиш, Виница, Свети Николе, Берово, Делчево и Скопје, а вечерва првпат беа претставени пред пехчевци.
Авторката Лена Ѓуриќ е родена во Свети Николе, а трисетина години од својот живот ги поминува во градот на светлината Париз, каде ги впива креативните енергии на најголемите светски репрезенти на уметноста. Париз е и местото, каде нејзиниот талент за уметност се развива и станува реалност. Последниве години, Лена живее и твори во Штип. На сликарското платно, таа овековечува портрети, жива и мртва природа.