По три дена тензична, жолчна расправа на пратениците во Собранието- Францускиот предлог доби 68 “ЗА“, првата меѓувладина конференција – задутре во Брисел  

Францускиот предлог зад кои застанаа владејачките партии и албанскиот блок, наиде на голем отпор од македонската опозиција, но и кај голем дел од граѓаните, академската јавност и невладините организации. Се пријавуваа пратениците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и даваа аргументи против францускиот предлог, а на репликата на пратениците од СДСМ и во саботата одговараа со вувузели и свирки.

240

По три дена тензична, жолчна расправа во Собранието, со свирежи, вувузели, меѓусебни навреди и на моменти кошкања меѓу власта и опозицијата, во саботата, со 68 глса за пратениците во Собранието ги усвоија заклучоците за францускиот предлог со кој би требало да се крене бугарското вето и да се откочат македонските евроинтеграции. Немаше „против“, ниту „воздржани“, бидејќи пред гласањето, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од Левица ја напуштија пленарната сала. Пратеникот од ДС Павле Трајанов, не гласаше за францускиот предлог. По гласањето претставниците на власта аплаудираа и мешусебно си честитаа.

Додека траеше собраниската седница за усвојување на заклучоците од „францускиот предлог“, стотици граѓани во мирна атмосфера со свирки и транспаренти протестираа против прифаќањето на предлогот. Најтензичен беше периодот додека траеше гласањето, кога граѓаните се приближија до полициските барикади и фрлаа тоалетна хартија во дворот на собранието.

Францускиот предлог зад кои застанаа владејачките партии и албанскиот блок, наиде на голем отпор од македонската опозиција, но и кај голем дел од граѓаните, академската јавност и невладините организации. Се пријавуваа пратениците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и даваа аргументи против францускиот предлог, а на репликата на пратениците од СДСМ и во саботата одговараа со вувузели и свирки.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова рече дека досега ваква преговарачка рамка немало: „за преседан држава, посочи таа, преседан рамка“. Нејзиниот сопартиец, Александар Николоски рече дека изминатите три дена е јасна разликата и „многу е јасно кој е предавник, а кој ги брани интересите на државата“.

– Да не се лажеме, едностраната декларација на Бугарија ќе биде дека не зборуваме македонски јазик, туку дека говориме кодифицирана јазична норма на бугарскиот јазик, односно бугарски дијалект. Во однос на таканаречените годишни прегледи и мерки за ефективно спроведување на член 12, бараме да се избрише обврската, историјата и бугарското толкување да ни е јакмка околу вратот на напредокот на државата, рече Николоски и побара да не се дели меѓувладината конференција и да нема промена на Уставот.

Пратеничката на СДСМ Снежана Калевска Ванчева обраќајќи им се на пратениците од опозицијата рече дека жали што опозицијата не успеала да се надмине себеси и да подаде рака за заеднички да направат нешто што државата ќе ја води напред.

– Дали е ова идеален предлог? Сигурно не. Дали имаме вековни проблеми со Бугарија? Да. Овој народ овде имал многу премрежја, но треба ли уште да војуваме? Не треба да градиме мостови? Треба да ги рушиме? Јас сакам да градам мостови, за мене, за моите деца, за моите внуци, за моите граѓани. Истото тоа го сакаат и моите пратеници, мојата партија, рече Калевска Ванчева.

Пратеникот од Левица, Борислав Крмов, обраќајќи се до помалите политички партии кои се дел од владејачката коалиција, им порача дека сега имаат можност да ја напуштат Владата и да одбијат да го изгласаат францускиот предлог.

Пратеникот Јован Митрески од СДСМ пред гласањето на Предлог-заклучоците порача дека со нив Владата се обврзува да ги почитува јазичните, идентитетските, историските и културните особености.

–Документот што ВМРО-ДПМНЕ деновиве го кине јасно наведува дека пратениците се обврзуваат и ја обврзуваат Владата за достојно да ја почитуваат определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот јазик, е тоа ВМРО-ДПМНЕ го искинаа, рече Митрески.

Неколку часа подоцна на 66-та владина седница беше донесена одлука за прифаќање на францускиот предлог.

„Со оваа одлука го започнуваме процесот на пристапни преговори на Северна Македонија со ЕУ. Со оваа владина седница заокружуваме уште еден објективно историски чекор за нашата земја“, изјави премиерот Димитар Ковачевски по седницата. Тој порача дека благодарение на тоа сега државата има преговарачка рамка во која се заштитени македонскиот јазик и идентитет, а историските прашања се надвор од истата. Ковачевски најави дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи на 19 јули во Брисел.

“Конечно, ја имам честа да го најавам датумот за првата Меѓувладина конференција, која треба да се одржи на 19 јули, во Брисел. Потоа, Европа ќе биде во Скопје, а Република Северна Македонија во Брисел, со полн капацитет, со пристап кон фондови, со пристап кон знаења, вистински принципи и најважно вредности, кон кои се стремиме и ги посакуваме. И сето тоа, врз идентитет, кој ќе се гледа континуирано во сите европски центри. Ве повикувам на заедништво, на верба, на позитивен пристап, на оптимизам, рече Ковачевски. Отворачката изјава, додаде, ќе ја чита на македонски јазик.

Поддршката на францускиот предлог ја поддржаа европските челници, а францускиот претседател Емануел Макрон на твитер напиша: “Франција ќе застане покрај Северна Македонија за време на првата меѓувладина конференција која ќе отвори историска етапа во нејзиниот процес на пристапување кон Унијата, пишува во објавата на Макрон. Одлуката ја поздравија и Оливер Вархеји, Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел.

-Ова е суштински чекор на земјата и за ЕУ. Нашата иднина е заедничка и ве чекаме со отворени раце, напиша Мишел на Твитер.

И САД ја поздравија одлуката на Собранието да ги преземе следните чекори за пристапниот пат кон ЕУ. Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен во писмена изјава истакна: „Ги препознаваме тешките размени направени во овој компромис, што го признава и почитува културниот идентитет на Северна Македонија и македонскиот јазик„.

Почетокот на преговорите на ЕУ со Македонија е блокиран со бугарското вето од ноември 2020 година поради спор околу јазикот и историјата, а Брисел го врза напредокот на Тирана на патот кон ЕУ со напредокот на Македонија. Една година претходно, европскиот пат на двете земји беше блокиран од Франција, инсистирајќи на промена на методологијата за преговори.