ПОТПИШАН МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА СО БЕГ: Домот “Кузман” во иднина ќе се затоплува со парно

152

Студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ќе го исфрли стариот начин на затоплување со нафта/мазут, кој загадува, и ќе се приклучи на градскиот топловоден систем на “Балкан енерџи груп#. За таа цел вчера директорите на Студентскиот дом и на БЕГ, Дарио Николовски и Димитар Кочовски, потпишаа меморандум за соработка.

– Домот “Кузман” е црна точка која го загадува воздухот, а со приклучувањето кон топловодниот систем ќе се елиминира овој загадувач – рече Кочовски.

Директорот Николовски им се заблагодари на министерствата за образование и за животна средина што им помагаат да го решат овој горлив проблем кој датира од 1976 година.

– Не само што повеќе нема да загадуваме, туку и ќе заштедиме 2 милиони денари годишно. Со промена на системот на греење го решаваме и еден од најголемите проблеми на студентите: непречено греење – рече Николовски.

Министерот за образование, Арбер Адеми рече дека ресорното министерство има круцијална улога во системското справување со еден најголемите предизвици: заштита на животната средина и намалување на аерозагадувањето. За заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, со овој чин почнува практичната имплементацијата на Планот за почист воздух и дека нивните пресметки кажуваат дека со 230 тони мазут, колку што годишно трошеле, тие генерирале 28 килограми ПМ 2,5 честички.
(С.Бл.)