Последен чекор

156
3D Map of Macedonia with Macedonian Flag on White Background 3D Illustration

Политичките пазарења помеѓу Зоран Заев и дел од албанскиот блок го одложија стартот на собраниската седница за уставни измени. Иако беше најавена за напладне, собранискиот спикер Талат Џафери без образложение ја презакажа седницата за попладнето, но и тоа се пролонгира.

3D Map of Macedonia with Macedonian Flag on White Background 3D Illustration

Пред почеток на седницата, очекувањата се дека се може да заврши до петок, со оглед на тоа што пратениците од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да учествуваат во расправата за уставни измени. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ вчера се приклучија на протестот на “Македонија блокира”.
Неофицијално во оваа фаза, уставните измени се очекува да ги поддржат 80 пратеници или еден или двајца пратеници плус.

И покрај оптимизмот, неизвесна е поддршка и осумтемина пратеници од независната пратеничка група, кои беа исклучени од опозициската коалиција, откако во првата фаза дадоа поддршка за промена на Уставот. Тие најавија дека доколку се уважи барањето на БЕСА за бришењето на терминот “македонско” од документите, тие нема да дадат поддршка во оваа фаза, бидејќи како што велат, тоа е спротивно на гаранциите за јакнење на идентитетот.

Пратеникот Александар Кирацовски од СДСМ изјави дека “убедиле доволен број пратеници за бенефитите од членството во ЕУ и во НАТО” и дека верува оти убедиле нешто над 80 пратеници да ги поддржат уставните измени кои произлегуваат од Договорот од Преспа со Грција.

– Со иницирање на уставните измени РМ станува дел од ЕУ и НАТО. Често ме прашуваат дали обезбедивте двотретинско мнозинство. Јас таа фраза обезбедени пратеници не сакам да ја користам туку имам информации дека минимум 80 пратеници, впрочем и нешто над 80 пратеници, се уверија дека иднината на РМ е единствено во НАТО и ЕУ, а тоа е условено со Преспанскиот договор и уставните измени, што треба да се случат најдоцна до петок неделава, рече Кирацоски.
Со Алијансата на Албанците на Зијадин Села е постигнат договор за уставните измени, а преговорите со Беса на Касами уште не се завршени.

Премиерот Зоран Заев го прифатил предлогот на Села што се однесува на делот на преамбулата „граѓаните коишто живеат во границите“, посочувајќи дека конечната формулација ќе биде „граѓаните на Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, дел од турскиот народ, дел од влашкиот народ“.
„Зборчето „граѓаните“ пред „кои живеат во границите“ пропуштивме да го тргнеме заради тоа што граѓаните се спомнуваат во почетокот на преамбулата и стои „граѓаните во Македонија, македонскиот народ и граѓаните како дел од албанскиот народ“, сега е во моментот како што е формулирано, ова второто „граѓани“ се тргнува. Конечната варијанта ќе биде „граѓаните на Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, дел од турскиот народ, дел од влашкиот народ“ како што е соодветно наведено тоа поприлично ги воедначува граѓаните пред својата татковина- Република Македонија“, вели Заев.

Според она што начелно било договорено, прифатливо е и Косово да биде наведено како петта држава со кога граничи Република Македонија. Беса и Алијансата за Албанците се единствените партии кои во последната фаза поднесоа амандмани на уставните измени.

Иако медиумите пренесуваа дека речиси има договор со Беса на Билал Касами, пазарањето продолжи бидејќи  до затворањето на весникот договор не беше постигнат. Она што го бара партијата на Билал Касами е бришење на терминот “македонско” во државјанството, измените во делот на дијаспората и Преамбулата .

До затворањето на весникот стартот на седницата беше неизвесен. На дневен ред пред пратениците е утврдувањето на четирите предлог амандмани на Уставот на Република Македонија, нивно носење и прогласување.
Со првиот амандман се предвидува, во Уставот, зборовите “Република Македонија” да се заменат со зборовите “Република Северна Македонија”, а зборот “Македонија” да се замени со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36. Вториот амандман предвидува во Преамбулата зборовите “одлуките на АСНОМ” да се заменат со “Прогласот од Првото заседание на АСНОМ”, но и да се додаде Охридскиот рамковен договор. Во третиот амандман се наведува дека “Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави”, а четвртиот предвидува државата да ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство, да ги унапредува нивните врски со татковината и да не се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
Процесот на уставните измени се очекува да заврши до крајот на неделва, а започна на 19 октомври кога првпат беше обезбедено двотретинско мнозинство.

Александрова: Уште се мислиме дали ќе гласаме

Пратеничката Емилија Александрова во изјава за ВЕЧЕР вели дека за независната група не е спорно она што го барала Алијансата на Села – тоа, како што вели, се повеќе технички измени.
– Се уште размислуваме и ставот дали ќе гласаме дополнително ќе го изградиме, откако ќе видиме што е договорено со Беса. Барањата на Алијансата на Албанците беа технички и беа неспорни за нашата пратеничка група, но она што го бара Касами навистина се преголеми отстапки за нашите ставови. Во таква ситуација, уште не сме сигурни дали ќе дадеме поддршка во оваа фаза од уставните измени, изјави Александрова за ВЕЧЕР.