Порано имавме пари за 20 тегли ајвар, сега само за 5-6, а некој ни за толку!

Граѓаните велат дека годинава ретко кој ќе може да си дозволи да прави домашен ајвар, бидејќи освен зејтинот кој е 150 денари литар, и дрвата се поскапени и се движат од 4.000 до 4.500 денари за кубен метар. Некои од домаќинките кои, сепак, не сакаат да се откажат од оваа традиција, велат дека ќе направат помала количина, односно ако досега правеле по 20, сега ќе направат само 5-6 тегли, а некој ни толку

1484

Започна откупот на ајварката во Струмичко. И покрај тоа што се откупуваат мали количини, кои претежно се наменети за свежа консумација и за извоз во Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина… цената е висока. Граѓаните велат дека годинава ретко кој ќе може да си дозволи да прави домашен ајвар, бидејќи, освен зејтинот кој е 150 денари литар, и дрвата се поскапени и се движат од 4.000 до 4.500 денари за кубен метар. Некои од домаќинките кои, сепак, не сакаат да се откажат од оваа традиција, велат дека ќе направат помала количина, односно ако досега правеле по 20, сега ќе направат само 5-6 тегли, а некој ни толку.

– Со овие цени, не можеме да правиме како порано по 20-30 тегли ајвар, но ќе направиме 5-6 тегли, за толку имаме пари. Лани, за приготвување една тегла ајвар, беа потребни 170 денари, а сега ќе ни треба дупло. Килограм ајварски пиперки чинеше 50, а зејтинот 70 денари. Сега зејтинот е 150 денари литар, а и дрвата се поскапени – вели една домаќинка.

И останатите граѓани се согласуваат дека со оглед на поскапувањата, ако порано имале пари за 20 тегли ајвар, сега имаат само за 5-6, толку им дозволува стандардот. Некои, пак велат дека ајварот годинава е луксуз и не можат да си го доволат.

Се очекува откупот да се интензивира наредната недела, но според производителите, годинава ќе има значително помали количини од лани. Велат дека родот годинава ќе биде со одличен квалитет, а откупните цени ќе останат приближно како лани и ќе се движат од 20 до 25 денари за килограм. И покрај ниската откупна цена, сепак, на зелените пазари ајварката се продава за 40 до 45 денари, а во маркетите таа стигнува и до 100 денари за килограм.

Според производителите, се работи за прва класа ајварка, која претежно е наменета за консумна употреба и чија откупна цена е висока и се движи над 40 денари за килограм.

– Откупот почна, но засега се откупуваат само мали количини, кои се наменети за свежа консумација или за извоз, а откупот ќе се интензивира за десетина дена. Ајварката претежно се извезува во Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, а во помали количини ја има и на европските пазари. Паралелно со откупот и со пласманот на ајварката, која се пласира на пазарите на мало, се врши откуп и на индустриската пиперка – изјави за ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Синдикатот на земјоделците од Струмица.

Тој вели дека сè уште не се знае каков ќе биде интересот од откупувачите и од граѓаните кои, поради скапиот зејтин, рекоа дека годинава нема да прават ајвар.

– Не верувам дека нема да прават ајвар, сепак, тој е традиција и домашно си е домашно. Можеби, ако досега правеле по 20 тегли, сега ќе направат по 5-6. Засега прва класа ајварка, која е наменета за свежа консумација и за рестораните, се откупува по 40 денари за килограм, а другите количини по 20 до 25 денари за килограм. Откупната цена е иста како лани и покрај тоа што сите трошоци се зголемени, струјата, нафтата, ѓубривата, пестицидите… – додава Велков.

Освен кај пластеничкото производство на куртовската капија намалување на производството поради неповолните временски услови и невремето кое зафати дел од регионите што произведуваат куртовска капија, има и кај производството на отворено.

Според проценките од терен, наместо очекуваните 15.000-20.000 тони, од овие површини сега би требало да бидат набрани од 7.000 до 10.000 тони ајварка.

(А.С.)