Политички договор за 27 април – амнестија за сите, освен за организаторите и насилниците?

3

Политички договор има, но новите моменти во судскиот процес за 27 април го пролонгираат поднесувањето на законот за амнестија. Иако беше најавено дека законот е готов и дека ќе биде презентиран, предлог-текстот ќе биде поднесен најверојатно следната недела. Лицата кои учествувале во насилството и организаторите на 27 април ќе бидат изземени од законското решение, потврдуваат за весникот “Вечер” извори од телото за помирување. Истите извори велат дека деталите во предлог законското решение се прецизирани, и оти деновиве интензивно се работи како ова правно да се изведе за да нема нови дела и нови квалификации за настаните.

Постојано имаме неформални средби и досега има неколку можности за правење на правната дистинкција меѓу организаторите, нарачателите и оние што не биле насилни во Собранието за време на собраниските настани.

Нашите извори не откриваат до крај кој и како ќе биде амнестиран, со образложение дека траат консултациите со правните експерти, но потенцираат дека квалификациите начелно се договорени. Според она што се шпекулира, законското решение најверојатно ќе ги опфати пратениците кои беа учесници во собраниските настани од минатата година, а дадоа поддршка за уставните измени.

И од власта деновиве потврдија дека на правните формулации работат правни експерти. Тврдат дека какво и да биде решението нема да смее да се толкува како директно мешање на владата и Собранието во судството, и како што рече премиерот Зоран Заев, не смее да ја урне правната држава.

Од собраниското тело за помирување велат дека во законскот решение не може да стане збор за ослободување од обвиненија или осуда на лица кои се опфатени со случаите на Специјалното јавно обвинителство.