Полицијата го утврди идентитетот на загинатите во тешката сообраќајна несреќа што се случи ноќеска на бул.„ Борис Трајковски “ во Скопје, кога дошло до директен судир  помеѓу товарно возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки сопственост на комунална хигиена  управувано од М.Ј.(44) од Скопје “ и автомобил  „Рено 5“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Ј.Л.(43) од Скопје.

Во незгодата возачот Ј.Л. и сопатниците на автомобилот  „Рено“, С.Н., А.Т.(54) од Скопје, Е.Т.(37) од Скопје и И.А.(40) од Скопје починале на местото. Додека, возачот на камионот  М.Ј. се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ каде му била укажана лекарска помош и бил задржан на понатамошно лекување.

Засега сеуште не е утврдено презимето на сопатникот С.Н. ниту пак неговата  возраст . Според првичните информации сите загинати се од скопската населба Драчево.

Увид на местото извршил Јавен обвинител и увидна екипа на СВР Скопје. По наредба на Јавен обвинител телата на починатите биле предадени за обдукција.

Од Обвинителство информираат дека според првичните сознанија од увидот, несреќата се случила петнаесетина минути пред полноќ, кога автомобил „рено 5“ со скопски регистарски таблички во кој се превезувале жртвите, од непознати причини преминал на спротивната лента на коловозот и директно се судрил со камион за превоз на отпад.

Од здобиените повреди починале сите патници во автомобилот, тројца мажи и две жени.Како што стои во соопштението надлежниот јавен обвинител издал Наредба за обдукција на телата на починатите, а ќе се врши и сообраќајно-техничко вештачење за да се утврдат причините за несреќета.