Пиперки за ајвар ќе има, а домати за салца тешко!

Годинава има доволно производство на ајварка за задоволување на потребите и на потрошувачите и на индустријата. Производителите се надеваат дека ќе има добра откупна цена која според нивните очекувања не треба да биде под 25 денари за килограм. Доматите за разлика од пиперките се засадени на многу мали површини и нема да има за потребите на индустријата, туку само за на пазар

303

Земјоделците од Струмичко, кои се најголеми производители на домати и пиперки, велат дека за разлика од доматите, ајварка годинава има доволно и за на пазар и за преработувачката индустрија. Причините за намаленото производство на домати се повисоките трошоци, поголема цена на производство и поголемо ангажирање на работна сила која сè помалку ја има во земјоделството. Сепак, земјоделците се задоволни од квалитетот на родот на куртовската капија за која очекуваат откупната цена да биде над 25 денари за килограм.
-Речиси сите површини кои беа под пролетна зелка се засадени со куртовска капија. Домати има многу малку, бидејќи и трошоците за производство се поголеми, додека кај пиперот цената на производство е помала, а потребно е и помалку работна рака. Годинава има доволно производство на пиперки за задоволување на потребите и на потрошувачите и на индустријата, вели Ристо Велков, претседател на регионалниот Сојуз на земјоделци.
Површините под куртовска капија годинава се зголемени за околу 10 отсто, квалитетот на родот е одличен и производителите се надеваат дека ќе има добра откупна цена.
-Очекуваме откупната цената на големо да не биде пониска од 25 денари за килограм за да биде профитабилно производството и да остане нешто за земјоделците. Се надеваме дека нема да има проблем со продажбата и оти целото производство ќе се продаде, бидејќи најголем дел оди во индустријата за преработка, вели Велков.
Што се однесува до доматите, откупната цена годинава многу варира, еден ден е 10 денари, а друг 20 денари за килограм. Годинава доматите се засадени на помали површини, бидејќи има многу работа, а и ги напаѓаат повеќе болести. Поголем дел од градинарското производството е под пластеници, бидејќи поради климатските промени оранжериското производство е посигурно.
Земјоделците велат дека дождовите кои паднаа летово беа добредојдени за градинарските култури, но и за почвата. Ја зголемија влагата во почвата и го олеснија извршувањето на агротехничките мерки.
Од вкупното производство преработувачите откупуваат 40 до 45 илјади, а пет до 10 илјади тони се продаваат на зелените пазари.
За десетина дена, кога ќе се интензивира бербата, се очекува да се зголеми побарувачката на ајварката и на другите видови зеленчук кои се користат за подготовка на зимница.

(А.С.)