ПЕХЧЕВО: Преку обуки ќе се подобрува капацитетот на невработените

15

Преку информативни сесии, општина Пехчево во партнерство со Бирото за вработување започнува серија обуки за подобрување на капацитетите на невработените лица. Првата информативна сесија со невработените лица од Пехчево е закажана за идниот понеделник.

– За подобра информираност на невработените лица од општина Пехчево и максимално искористување на можностите за обука и подобрување на капацитетите на невработените лица и нивно активно учество на локалниот пазар на труд, Општина Пехчево и Бирото за вработување на 18 март годинава во просториите на Домот на култура „Јане Сандански“ Пехчево ќе одржат прва информативна сесија на која можат да присуствуваат сите евидентирани невработени лица. По завршување на обуката кандидатите ќе изведуваат секојдневна практична работа во реални услови кај работодавачи во времетраење од еден месец, велат од општина Пехчево.

Додаваат дека обуките што се предмет на јавниот оглас ќе се спроведуваат од страна на верификувани спроведувачи на обуки и ќе се реализираат во период од три месеци.
Лицата вклучени во обуките ќе добијат месечен надомест од девет илјади денари, со вклучено осигурување.