ПЕРУАНКАТА КАРИНА, ДОЈДЕ СЕ ВЉУБИ И ОСТАНА ВО БИТОЛА

24

Една е од шесте Перуанки омажени во Македонија. Насмеана, позитивна, пријатна, темпераментна и непосредна, Карина Хојос Осорио заедно со двете ќеркички Михаела (10) и Габриела (8) ја пречекува екипата на “Вечер“ во својот стан. Ни нуди кафе за да се освежиме од патот и папа ван каина, типичен перуански специјалитет. Перуанката која во Битола живее веќе десет години, зборува одличен македонски јазик, со битолски дијалект. И недостасува нејзината родна земја, морето и плажите, како и семејството, но во Битола и се бендисува…

 

Убав поглед ви ги полни очите со Пелистер од терасата на станот на една повеќекатница во Битола во која живее Карина Хојос Осорио, една од шесте Перуанки омажени во Македонија. Насмеана, позитивна, пријатна, темпераментна и непосредна, Карина заедно со двете ќеркички Михаела (10) и Габриела (8) ја пречека екипата на “Вечер“ во својот стан. И веднаш почнуваме муабет како да се познаваме со години… Ни нуди кафе за да се освежиме од патот и папа ван каина, типичен перуански специјалитет.


“Нема некој да дојде од странство во Перу, а да не го проба папа ван каина – варен компир прелиен со сос. Многу е вкусно, сосот се подготвува многу лесно со сирење, крекери, млеко, пипер и се меша во блендер. Но овој специјалитет е на второ место, на прво место е севиче – жива риба од море, а јас не можам да ви ја подготвам, бидејќи треба рибата да е свежа“, ни вели Карина.

Кога ги гледате планините од тераса, ви недостасуваат ли Андите на Перу, ја прашувам. “Не, бидејќи јас сум родена од кај морето, а Перу има три дела: брег, планини и џунгла (Амазонија). Мене овде многу ми недостасува морето. И секогаш кога можам, користам прилика да одам со семејството на море“, вели. Таа во Перу растела крај плажите, со топло време, каде нема мраз, снег и нема многу студени денови. Иако постои голема влажност поради океанот, просечната темепература е околу 23 степени.
“Во зима, најладните денови се 14 степени, иако поради влагата е како да е 5 степени. Но, сепак, не се споредува со Битола во зима. Овде е многу ладно, и заради климата и надморската висина“, посочува Карина која пред три недели имала можност да се врати во својот роден град, но, за жал, заради смртен случај во семејството. Таму, бидејќи Перу се наоѓа на јужната хемисфера, поточно на западниот брег на Јужна Америка, било зима.

Перуанска Амазонија

Родена е во главниот град на Перу, Лима, кој во моментов има околу 9 милиони популација. “Но мојот татко води потекло од местото Терапота, во Амазонија“, вели Карина, која неодамна се потсетила токму на животот на племињата и луѓето кои живеат во Перуанска Амазонија на истоимената изложба што беше поставена во Археолошкиот музеј на Македонија.

Идејата за оваа изложба на која беа претставени фотографии од Перуанска Амазонија беше на почесниот конзул на Перу во нашата земја, Ненад Јаниќевиќ (лево).

“Многу ми се допадна изложбата. Токму такви се луѓето кои живеат во Амазонија, од каде потекнува и татко ми. Се работи за местото каде е роден тој. Таму луѓето живеат на село, поопуштени се… Најинтересна ми беше фотографијата со еден од локалните мештани на Амазонија кога тој е на бербер. Таа фотографија ја има доловено атмосферата во малите селца и луѓето кои живеат таму. Татко ми иако таму роден, се преселил во градот за подобар живот. Тоа е како и секоја приказна за преселба од село в град“, истакнува Карина која за Лима вели дека е голем и хаотичен град.

Перуанката од Битола зборува одличен македонски јазик, со битолски дијалект. “Многу ми беше тешко со буквите х, ц, ч, џ, ш, но и со ѕ и з. Десет години сум овде, а мојата ќерка се уште ме поправа. На почетокот Зоран го викав Соран, а во Перу сите се уште така го викаат. Не е лесно, постојано учам нови зборови. Читам на стандарден македонски јазик, и на телевизија ги гледам и читам преводите. Така научив и така се уште учам. И бидејќи работам на шалтер во туристичка агенција, често сум во контакт со битолчани. Тие за зборувам велат зборвам. А јас кога ќе кажам зборувам, тие ми велат: Ти чупе, не си од овде. Од кај си? Веднаш ме препознаваат“, се смее таа, посочувајќи дека го има прифатено битолскиот дијалект.

Зборува шпански, англиски, македонски и малку француски. Во туристичката агенција во Битола работи веќе четири години, а со нејзниот сопруг Зоран, кој е од Битола, се сретнале кога заедно работеле на брод во 2006/2007 година. Пред да се венчаат, Зоран престојувал во Лима осум месеци за да го запознае семјството на Карина и тие него. Но, како што вели таа, таму на Зоран не му се бендисало.

Битола vs Лима

“Но мене многу ме бендиса Битола, бидејќи е тотално различна од Лима“. Според нејзините кажувања, Лима е многу голем град, има многу криминал, сиромашни населби и гужва, и во него не се средени најважните работи, како транспортот. “Тешко се движиш, за на работа сум патувала по час и половина и уште толку за назад. Тогаш бев слободна и не ми пречеше, но за оние луѓе кои имаат деца е тешко, тие никогаш не можат да си ги видат децата бидејќи стигнуваат дома околу 21 часот, па се плашат и поради криминалот“, се потсетува таа. И сега кога ја посетила Лима не било сменето речиси ништо, само вовеле електричен воз, но ни тој не бил доволен за луѓето кои се движат низ градот. “Татко ми се движи со автомобил, и не знае што е полошо, дали така или со воз. Бидејќи во возот едвај луѓето успеваат да влезат, сите се туркаат… Секако дека е подобро од автобус, бидејќи се стигнува за 30 минути каде сакаш. Кога патував низ Лима имаше населби во кои луѓето немаат ни струја, Перу беше сиромашна земја, но и сега е жално. На улица децата продаваат бонбони за да преживеат. А ситуацијата се влоши и со бегалците од Венецуела“, вели Карина истакнувајќи дека иако таа живеела во место каде егзистира средна класа, и таму се повеќе има сиромаштија.

За разлика од Лима, таа повторува дека многу и се бендисала Битола. “Мирна е Битола, мало место, се е блиску. Ми се чини како да сум во идила. Татко ми дојде лани во мај првпат, и ми вика, па ти живееш како на село“, раскажува Карина и опишува колку сите биле возбудени за неговото пристигнување. “Ние мислевме што ќе правиме со дедото, а тој беше најсреќен. Сам си одеше до парк, до Широк сокак. И ми вели, ова место е супер за живеење. Се е мирно, за децата е добро“, вели таа согласувајќи се дека има работи кои и фалат, но дека Битола е добар град за еден мирен и пристоен живот. А и нејзините две ќерки еднаш го имаат посетено Перу, кога имале 4 и 2 години. И тие разбираат шпански, со мајка им и дедо им зборуваат, а веќе имаат и пасош од Перу. Но големата далечина до Перу и скапите авионски карти, честите престои на семејството на Карина ги прават невозможни. “Секако, освен морето, фамилијата најмногу ми недостасува, татко ми, мајка ми, сестра ми и брат ми. Сега, за жал, ја изгубив најстарата сестра“, вели Карина. Нејзиниот брат ја има посетено Карина и Македонија трипати бидејќи, како што вели мојата соговорничка, “фамилијата е важна“.

Сака месени работи и шопска

Од македонската традиционална кујна најмногу и се допаѓаат месените работи. “Кај нас такво нешто нема. Имаме благи работи, но кога свекрвата ми ги прави тие мазник, зелник, кифли… многу ги бендисувам. Сите повозрасни жени во Македонија убаво месат.

Шопската ми е омилена, секој ден додека има домати ја јадам“, вели таа. Во Перу, пак, доминираат компирот и оризот, има многу риба и пилешко месо. “Пилињата се многу евтини во Перу и се многу поголеми. Има премногу видови на компир. Кај нас нема навика за леб, воопшто. Ни треба само едно мало лепче и мислам дека тоа е поради многуте овошја кои ги имаме и ги консумираме. Секој ден можеш да пиеш сок направен од овошје во блендер. А јас овде додека има диња, максимално ја користам и им правам на децата сок од диња. И едвај ги чекам јаготките за да правам сок“, вели Карина која посочува дека во Перу има многу овошја како папаја, манго, авокадо. Таа од семката на авокадото прави природна паштета, го пасира и го мачка на леб. “Во Перу во секој ќош каде и да одиш има количка со ананас и ти го сечат и ти го даваат да го пиеш и толку е евтино оти го има… како и портокалот, папајата, една чаша таков сок и еден сендвич ти дава доволна енергија“.

Салса, меренге, бачата

Не слуша традиционална македонска музика, многу и е поразлична од онаа со која растела. Кога првпат отишла на македонска свадба се чудела за нашите обичаи да се игра оро. Го прашала сопругот како на оваа музика ќе танцуваат и како младите успеваат да остварат контакт. “Во Перу, кога сме на некоја свеченост, мажот или момчето оди до девојката која ја бендисува и ја поканува за танц. Таа ако го бендиса ќе се согласи на танц или, пак, не. Станува збор за танци како салса, меренге, бачата и сите знаат да ги играат. Тоа се танци за двајца, за пар, никој не танцува во група. И тоа е шанса да се доближиш до некој, особено младите#, вели Карина која посочува дека Перуанците се многу отворени и темпераментни како народ. “По забавите, по свадбите во Перу секогаш има по некој пар, а ова е малку потрадиционална, конвенционална и патријахална средина, што донекаде ме бендисува#.

Убавината на битолските чупиња

Како и сите ја забележала убавината на битолските девојки. “За мене Широк сокак е fashion street. Вие сте многу убав народ, физички, а во Битола има и многу убави млади девојки, и плус дотерани, со чанти кои одговараат со чевлите… На почетокот кога ги гледав колку се убави, се чудев зошто толку битолските чупиња се дотеруваат. Одат на пазар со штикли, на Широк сокак со фул мејкап, со корсет, стегнати, а многу од битолчанките и често одат на фризер, маникир, педикир. Па сфатив дека тука таква е културата на облекување“, ќе посочи Карина зборувајќи за менталитетот на средината во која живее веќе десет години. Таа сфатила и дека е различен начинот на кој Македонците ги подготвуваат имендените и славите, како и начинот на подготовката на храната за овие семејни прослави.

Јужна Америка и страста кон фудбалот

Луѓето на Перу, на оваа јужноамерканска земја која излегува на Тихи Океан, како и повеќето на овој континент фудбалот го играат од мали нозе, му се посветуваат, го сакаат, го живеат… Не е исклучок и Карина која ни рече дека била пресреќна кога нејзиниот Перу по 36 години се квалификувал на светското првенство во фудбал во Русија оваа година.

“Со возбуда ги гледавме неколкуте натпревари на светското првенство во Русија на репрезентацијата на Перу. За жал, не поминавме во втор круг. Малечките имаат и перуански дресчиња. Сите сакаме фудбал во Перу“, раскажува Карина која вели дека, Македонија, пак, е добра во ракомет.

Носталгија…

Со Карина разговараме и за Мачу Пикчу, и за домородниот јазик во Амазонија наречен ајмар, и за симболите на Инките, за цртежите на Наска, за Чиму, за големите древни цивилизации кои биле распространети во Јужна Америка, опфаќајќи ја и територијата на Перу.

Таа ни ги покажува сувенирите донесени од Перу кои ги претставуваат овие култури кои некогаш доминирале на овие простори, се додека во 15 и 16 век не дошле Шпанците како колонизатори и ја вовеле својата култура, јазик и религија.


“Имам многу луѓе околу мене, но сепак на моменти ме фаќа некоја тага, носталгија, ми фали топлината на моето семејство. Татко ми е најдобар човек, а со брат ми и сестра ми често се допишуваме. Сите ми даваат поддршка“, вели Карина со малку растреперен глас, потсетувајќи не дека далечината си го прави своето. Со Перуанките кои се во Македонија, и со кои може да сподели многу слични искуства ретко се дружат, бидејќи се во различни градови. Таа е во Битола, а другите се во Прилеп, Велес и Скопје. “И тие, како мене, на почетокот во странска земја го поминуваат истиот пат како јас. Но јас, колку што можам им помагам за да се снајдат и подобро да се адаптираат во Македонија. Им велам дека е најважно да се научи јазикот за да можат да се вклучат во општествениот живот на Македонија“, завршува Карина.

Заминуваме од нејзиниот дом, посакувајќи и среќа нејзе и на нејзиното семејство и повеќе средби со нејзините во Перу и размислувајќи каде се може да не однесе љубовта… Преку планини и океани, премостувајќи големи културни и културолошки разлики, од песочни плажи до континентална клима, од магалополиси до мали убави и идилични гратчиња…

Наташа Илиевска-Таневски
Фото: Ѕвонко Плавевски