Според професорот д-р Никола Пановски, во моментов не е важна бројката на заразени, треба да се гледа дали има хоспитализирани и критични болни лица, а нив ги нема, затоа нема место за загриженост. Ситуацијата треба да се следи. Ковидот не е веќе меѓу првите пет заразни болести според хоспитализациите и смртност во моментов во државата и ако така остане, ситуацијата е добра. Но и да има нов бран, нема да биде со последици како претходните четири брана. Новите типови на омикрон брзо се шират особено кај младите, но поминува како настинка – појаснува д-р Пановски.

 

Растот на бројот на новоинфицирани лица со омикрон, деновиве, во регионов не ја заобиколи ниту Македонија. За период од 24 часа, Институтот за јавно здравје повторно регистрира троцифрени бројки, а само во последното деноноќие 148 новозаразени, 48 реинфекции и едно починато лице. Бројот на активни случаи во земјава достигна 750 лица, од кои најмногу се во Скопје – 452. Но и покрај тоа, според професорот д-р Никола Пановски, нема место за паника, нема потреба да се воведуваат нови мерки, бидејќи болниците се празни и нема критично заболени лица.

Тој посочува дека сојот омикрон лесно се пренесува, ама и лесно поминува, затоа не очекува дека нашите сограѓани кои летуваат во Грција и Албанија каде што има поголем раст на бројките на заразени, ќе го пренесат вирусот, бидејќи тој го има и во Македонија.

Пановски смета дека бројките што секојдневно се објавуваат во земјава не се реални, дека помалку лица се тестираат и доколку се регистрирани 168 новозаразени, тогаш таа бројка е околу 2.000.

-Не е важна бројката на заразени, треба да се гледа дали има хоспитализации и критично болни лица, што во моментов ги нема, нема место за загриженост, но ситуацијата треба да се следи. Ковидот не е веќе меѓу првите пет заразни болести според хоспитализациите и смртност во моментов во државата, па ако така остане, ситуацијата е добра. Но и да има нов бран, нема да биде со последици како претходните четири брана. Новите типови на омикрон брзо се шират особено кај младите, но поминува како настинка – појаснува д-р Пановски.

Тој смета дека го плативме данокот во претходните бранови, дека во земјава има голем број на прележани и со вакцинираните имаме веќе стекнат имунитет.
Според истакнатиот микробиолог омикронот во сиромашните средини во лето не се шири, само во урбаните каде што се користи клима за разладување.

-Во градовите каде што е топло во работните простории, во домовите, хотелите се пушта клима, а се затвораат прозорците. Климата ги шири аеросолите и затоа во урбаните средини расте бројот на заразени со ковид, побрзо и од периодот на зимата – вели д-р Пановски.

Што се однесува за тоа уште колку бранови ќе има од ковидот, според д-р Пановски тоа зависи од тестирањето на граѓаните, следењето на ИЈЗ и објавувањето на бројките од страна на медиумите, бидејќи е единствен вирус кој го следиме, а луѓето заболуваат и од други вируси, но не ги објавуваме бројките. За Пановски треба да се носи маска во автобус, да се држи дистанца од култура и да се мијат рацете заради лична хигиена.

Со неговиот став се согласува и професорот д-р Нико Беќаровски. Тој смета дека и во иднина на дневна основа ќе растат бројките како резултат на новите мутации на омикронот БА4 и БА5, но добрата вест е што болниците ќе останат полупразни.

За растот на бројките предупреди и професорот по математика Дејан Трајковски. Според него, вака започнуваат сите бранови – најпрво со ползење, па со одење, за да завршат со галопирање – токму како инфлацијата.

-Моментално преминуваме од ползење во одење, но знаеме дека тоа е само почеток. Сепак, споредувајќи со Португалија, каде што врвот на бранот помина, не би требало да надминеме 1.000 нови случаи на ден, иако тоа не се знае, бидејќи засега нема услов за задолжително тестирање при излез од државата – укажува Трајковски.

КЗБ: Нема нови мерки, да се носат маски во автобус, аптека и на лекар

Бројот на позитивни случаи на ковид-19, во однос од минатата недела, е зголемен за 65 проценти, но истовремено нема зголемување на бројот на хоспитализации, само 10 пациенти се лекуваат во болница и нема зголемување на бројот на смртни случаи. Ова го констатираше на вчерашниот состанок Комисијата за заразни болести која укажува дека согласно со овие параметри и земајќи го предвид трендот на зголемување на позитивните случаи од ковид во соседните држави и светот, треба да се продолжи со задолжително носење маски во здравствените установи, згрижувачките установи за стари лица, аптеките и јавниот превоз.

Дополнително, од Комисијата препорачуваат граѓаните да бидат совесни, да го заштитат сопственото и јавното здравје и да ги применуваат општите мерки за заштита, како што се: заштитна маска, одржување растојание и почесто миење раце.

Грција и Албанија со високи бројки на заразени со вирусот

По речиси три месеци, во Грција повторно се регистрирани над 20.000 нови случаи на ковид-19, односно вкупно 20.084 новозаразени и 3.664 реинфекции. Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, во последното деноноќие починале 16 лица, а 95 пациенти се приклучени на апарати на одделите за интензивна нега во грчките болници.

Бројките растат и во Албанија каде што во последното деноноќие се регистрирани 550 новозаразени што е двојно повисока бројка од оние во изминатите денови и е највисока бројка во последните три месеца.

(В.Ма.)