Денеска треба да се донесе конечно решение во врска со барањата на пазарџиите кои се поврзани со измените на Законот за трговија на зелените пазари. Иако преговараат, се уште не се знае дали пратениците ќе интервенираат во сите спорни делови. Новиот закон, што стапи на сила од почетокот на годинава, ги обврзува пазарџиите да плаќаат годишна лиценца за работа од 60 евра, а пензионерите и вработените воопшто не може да закупат тезга.
Досега неколку политички партии и повеќе институции искажаа поддршка на пазарџиите за стопирање на овој закон, кој е донесен по брза постапка и без претходни консултации со засегнатите страни.
Пратеничката група на ВМРО–ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ до Собранието на Република Македонија ќе поднесе Закон за престанок на важењето на Законот за трговија на зелени пазари донесен од владејачкото мнозинство.
– На овој начин сакаме да овозможиме оваа проблематика да се разгледа одново, да се слушне мислењето на пазарџиите, на експертската јавност, на пратениците од опозицијата и заедно да направиме едно квалитетно решение во интерес на пазарџиите, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката СДСМ изјавија дека Законот ќе се одложи до 1 септември, а дотогаш ќе се бара друго заедничко прифатливо решение.
Пазарџиите, пак, не отстапуваат од својот став законот целосно да се повлече, бидејќи како што велат не можат да опстанат со сегашните и најавените давачки, а дел од нив деновиве почнаа и да ги откажуваат тезгите.
Инаку претходно негодување за овој Закон побараа и од Групацијата на пазари при Стопанската комора од каде посочија на можен раст на сивата економија и преполовување на прометот. Од Групацијата на пазари побара овој закон да се пролонгира бидејќи е на штета на пазарџиите, односно ја загрозува дејноста и го доведува во прашање опстојувањето на зелените пазари.
Организаторите на пазари, членки на Стопанската комора на Македонија, се договориле дека нема да склучуваат нови договори за закуп се додека не се изнајде решение за проблемот со кој се соочуваат.
Од Стопанската комора истакнаа дека ова законско решение што сега е во сила е донесено на иницијатива на неколку пратеници во јануари лани и изгласано во Собранието по скратена постапка. Оттаму посочуваат дека уште тогаш укажале на последиците кои можат да се случат, односно откажување на тезгите и намалување на работата на зелените пазари. (А.С.)