Оценки за културата во 2018-та и очекувања за 2019-та: Помалку деструктивна политика, а повеќе чувство за уметностите 

11

“За уметноста да провоцира, како што вели Шуваковиќ, не е одговорен само уметникот, туку и државата, т.е. државните институции треба да создадат услови за провокација. Не сме сведоци на такви тенденции, па вака или онака, се вртиме во истиот магичен круг. А не дека немаме потенцијали. Имаме одлични индивидуалци, уметници кои воодушевуваат, организации кои имаат идеи, промислувачи на културата кои имаат што да кажат. Ама сето тоа како да останува непрепознаено, изолирано, спорадично, неискористено, на маргините“, ќе истакне професорката Лорета Георгиевска-Јаковлева на прашањето дали ќе има подобрувања во сферата на културата во 2019

Заврши турбулентната 2018-та на полето на културата со скандалозен избор на проекти од национален интерес од Годишната програма на Министерството за култура, имаше обиди за цензури, се сменија и двајца министри за култура… се случија и добри проекти, одлични настапи на македонските уметници… Сакавме да го дознаеме ставот за случувањата во сферата на културата од неколку релевантни личности од оваа област и затоа побаравме нивно мислење и оценка за изминатата година, но и за нивните очекувања кои ги имаат за оваа година…

Нове Цветаноски, сопственик и управител на издавачката куќа „Македоника литера“ смета дека во време на политичка криза, културата е на маргините. “Во политиката кај нас има многу некултура, а од таа некултура не може да очекувате грижа за културата. Од година во година во политиката се помалку има луѓе од културата и луѓе со култура, зашто политиката кај нас стана „престижно“ поле, поле за натпревар, на примитивци, недоветни, нереализирани, криминогени типови, клептомани, лажговци, партиски војници, шаренобојни далтонисти кои ја препознаваат само бојата на парите, кванташки дилери на општи и национални добра… Од една таква аморална збирштина, не може да очекувате ниту уредна и пристојно средена држава, а не пак грижа за културата“, вели Цветаноски истакнувајќи дека, за среќа, индивидуалниот проблесок и ангажман во уметноста и во културата не зависи секогаш од општествените состојби.

И покрај се, македонската култура е жилава
“Македонската култура е жилава и понуди квалитетни, книжевни, сликарски, музички дела…, одлични настапи на музичките виртуози… Неповолната политичка клима повеќе ја погодува институционалната култура, посебно таа што е зависна од буџетот. Затоа имаме институции кои не добиваат буџетски пари за плата, а имаат богата или квалитетна културна понуда, на пример како Дирекцијата за култура на Скопје или Скопскиот џез фестивал“, додава Цветаноски кој посочува и дека “кога од високите уметнички вредности повисок приоритет имаат естрадата, пеливанството или кулинарството, не може да зборуваме ниту за некаква осмислена и релевантна културна политика“.

Според него, таквата политика врвот го доживеа со годишната програма на Министерството за култура за 2018, која многу личеше на програма за обезличување на македонската култура… ” Затоа културата запаѓа во апатија, а меѓународната афирмација во литературното и во сите други творештва се сведе на минимум“, вели Цветаноски кој истакнува дека во време на тривијални критериуми „Македоника литера“ не објавила ниедна тривијална книга. “И годинава им одолеавме на кичот и на шундот, кои најмногу се ценат во нашето искичирано општество. Објавивме квалитетни книги, меѓу другото и од кинеската литература, култура и филозофија, а довршени се и 10 книги од антологискиот избор на најдобрата кинеска литература за деца што е ново и исклучително“, ќе посочи Цветаноски.

Режисерот Бојан Трифуновски, пак, смета дека има освежување во естетиката и во театарскиот контекст кај новите млади театарски имиња. “Стабилни претстави, горе долу – истата публика. Постојат некои стари болести, од типот, нови управители на институции си измислуваат кариери и создаваат репертоари зависни од нив самите како артисти. Има Совети кои заменија поединци како уметнички директори, идеја која досега одлично функционира. Генерално, свеж воздух во репертоарската политика фокусиран на домашни сили, базиран на драстично намалени буџети и зголемен ентузијазам“, ќе посочи Трифуновски.

За балетскиот уметник и кореограф Рисима Рисимкин и за Скопје танцовиот театар, 2018 била исклучителна затоа што оваа единствена современа танцова компанија кај нас, успеа да влезе во високи светски уметнички кругови и имаше повеќе гостувања во Холандија, Њујорк, во Кина. “За жал на конкурсот на Министерството за култура и резултатите кои излегоа во февруари буџети беа многу намалени, посебно за Танц Фест, без конкретно објаснение“. Веруваме дека Министерството овој пат, ќе додели средства на, пред се, квалитетни проекти, веќе докажани и во Македонија и во странство“, вели Рисимкин.

Квантитетот не значи и квалитет
Лорета Георгиевска-Јаковлева, професорка при Институтот за македонска книжевност, вели дека нејзината оценка за 2018-та е дека многу бавно се случуваат нештата, но сепак се движат. “Многу настани, особено во Скопје, ама квантитетот не значи и квалитет. Како на годинешниве Струшки вечери на поезијата – куп програмски содржини кои се нижат едни по други, а публиката ја нема, не предизвикуваат интерес, нема провокација. Ама за волја на вистината имаше и инакви, посебно оние културни настани кои се ангажираа за општествена правда. Духовити и многу сериозни едновремено“, вели Георгиевска-Јаковлева која посочува дека на почетокот на годината ја воодушевил концептот на Националната стратегија за развој на културата 2018-2022.

“За прв пат во еден акт на Министерството за култура има конзистентно поимање на културата, од јасно дефинирано стојалиште кое отвора многу перспективи. Но, не видов дека при одлучувањето по Конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес за 2018 се раководеле од неа. Тоа особено важи за проектите насочени кон современата култура. Понатаму, воопшто не се обрнува внимание на културната одржливост, прашање кое во стратегијата се акцентира како поле на приоритетна важност. Нема дискусии за тоа каква културна политика ни е потребна или, ако веќе културната политика е дефинирана во Стратегијата, како таа ќе се реализира“, забележува таа.

Треба поголема поддршка за поставување македонски автори
Што се однесува, пак, до очекувањата кои нашите соговорници ги имаат за 2019 на полето на културата, издавачот Нове Цветаноски ќе посочи дека потребно е да има помалку деструктивна политика, а повеќе чувство за уметностите и за културата.
Режисерот Бојан Трифуновски, пак, како што вели одамна нема големи очекувања за нагло подобрување, но како и секогаш верува во одредени луѓе кои можат чекор по чекор да ги ставаат работите на здрави нозе. “Како од продукциско-организациски план, така и од креативен аспект. Би сакал да видам еден национален ексел документ за поединци. Колку направени претстави во колку години и сразмерно на тоа, колку резултати. Поголема поддршка за поставување македонски автори, ако може непоставувани, би било одлично“, вели Трифуновски.

Балетскиот уметник Рисима Рисимкин во 2019-та очекува да се исправи неправдата кон Танц Фест и тој да ја добие заслужената поддршка од Министерството за култура, како и младите танчари на Скопје танцовиот театар, со што ќе им се овозможи да останат во Македонија и тука да работат, а не да размислуваат за тоа да ја напуштат земјата во која се здобија со едукација со европски квалитет. “Ние мораме да се погрижиме да овозможиме работа за младите уметници и искрено се надевам и верувам дека следната година тоа и ќе се случи. Се надеваме дека државата ќе овозможи развој на огромниот младински уметнички потенцијал и ќе направи вистински чекори во тој правец“, посочува таа.

Треба култура/уметност која ќе провоцира
Професорката Лорета Георгиевска-Јаковлева во 2019-та, пак, очекува култура/уметност која ќе провоцира, т.е. ќе создава нешто што ќе привлекува внимание. “За уметноста да провоцира, како што вели Шуваковиќ, не е одговорен само уметникот, туку и државата, т.е. државните институции треба да создадат услови за провокација. Не сме сведоци на такви тенденции, па вака или онака, се вртиме во истиот магичен круг. А не дека немаме потенцијали. Имаме одлични индивидуалци, уметници кои воодушевуваат, организации кои имаат идеи, промислувачи на културата кои имаат што да кажат. Ама сето тоа како да останува непрепознаено, изолирано, спорадично, неискористено, на маргините“, истакнува таа посочувајќи дека би била задоволна доколку во 2019 година само би се мапирале носителите на таквите потенцијали, за понатаму да се поттикнат на здружување и на заедничко делување. “Оти, државата е здрава само ако создава услови за провокација на востановените културни практики, а не ако папагалски ги повторува познатите и веќе истрошени знаења, авторитети, матрици и системи на мислења. Зошто културата/уметноста денес, повеќе од кога било порано, е врзана за сложениот секојдневен живот, кој го употребува, присвојува и го пренасочува“, ќе истакне Георгиевска-Јаковлева. (Н.И.Т.)